Си зададов лична мисија, при овие културни тури на луѓето да им влеам желба и да им се создаде навиката да одат на изложби за викенди, како алтернативен начин на опуштање од работната недела, вели Јанева
Викенд, по напорната и стресна работна недела. Како да се поминат овие два дена во Скопје, а да бидат ново доживување, инспиративно патување? Со уметност, вели Бојана Јанева, историчарка на уметност која магистрирала на Универзитетот Мастрихт, Холандија на Уметност и наследство: културни политики, менаџмент и едукација. „Најново нормално“ е насловот на нејзините кураторски прошетки кои ќе бидат достапни секој викенд, а ќе се менуваат според изложбите што ќе бидат реализирани во градов, а почнуваат денеска во 11 часот пред Музејот на современата уметност. Јанева има долгогодишно искуство во едукација за различни теми од уметноста. Со неа разговараме за идејата за кураторски прошетки низ градот, како таа го доживува Скопје, може ли денес да се живее од професијата историчар на уметност?

Најувавте проект наречен „Најново нормално“. Што Ве испровоцира за оваа идеја?
– Внатрешната потреба! Во овој проект се споени повеќе мои лични идентитетски обележја, како љубовта кон Скопје, визуелната уметност во чиј домен е цел мој работен век и мојата огромна желба за отворена комуникација и срдечно поврзување со луѓето. Идејата за вакви културни тури тлее во мене веќе подолго време. Но, кога дознав какви уметници од денешницата им се на дофат на дланка на граѓаните од Скопје во МСУ во моментов, кои не само што се од овие простори и светски реномирани, туку и третираат прашања од нашето блиско минато со кое сите можеме да се поврземе, едноставно се прелеа чашата и се одважив да и понудам на скопската публика еден поинаков и возбудлив поглед кон градот и современите уметнички пракси. Едноставно, си зададов лична мисија, при овие културни тури на луѓето да им влеам желба и да им се создаде навиката да одат на изложби за викенди, како алтернативен начин на опуштање од работната недела.
Почнувате во МСУ. Зошто баш тука?
– Во МСУ вложив четири години како кустос на авторски договор, организирајќи изложби, проекти од едукативен карактер и музејски водења на тури. Тоа се три различни работни позиции и токму преку тоа увидов дека целото мое работно искуство како културен работник ме калело за установа од овој тип. Најмногу се пронајдов во улогата на доближување на изложбите до пошироката публика. Вратата кон ова себеспознание ја отвори сегашната директорка на МСУ, Мира Гаќина, која вешто процени дека најдобро би ми лежело да работам во едукативниот оддел. Едноставно, првпат на професионално поле, по 20 години работа, во МСУ се почувствував како своја на своето. Токму ова чувство е една од причините зошто почнувам тука.

За жал, Министерството за култура како да немаше слух тогаш, за барањата од страна на музејот за нови вработувања на цела една новоформирана група врвни професионалци кои не само што го дигнаа музејот од мртвите, туку го поставија со својата програма и реализација на ниво да ни позавидуваат сите поголеми музеи во Европа и пошироко. Сепак, иако не сум повеќе дел од колективот, не дозволив ова да ја засени мојата длабока поврзаност и верност кон музејот. Напротив, само уште повеќе ме мотивираше за осмислување на „Најново нормално“ турите преку невладината организација Институт за култура и уметност „Арс акта“, чиј ко-основач сум од 2012 година.
Кому се наменети овие „прошетки“?
– За сите кои сакаат за миг да побегнат од тешкото и рутинско секојдневие, од валканите улици, од грчот да се биде негде, да се прави нешто, од брзината на живеењето од која нема време да си се посветиме себеси и да си ја почестиме душата со нешто поразлично од секојдневните обврски. За оние кои живеат тука и што сакаат да се запознаат поинтимно со градот, да го видат со „поинакви очи“, да научат нешто ново и со тоа активно да се вклучат во неговиот културен живот.

Колку на скопјани, а и на туристите што го посетуваат градот им се потребни вакви „кураторски патувања“?
– До сега ваков тип на културен туризам за современа уметност не постоел во нашиот град. Тоа е навистина жално бидејќи Скопје има толку многу да понуди на овој план. Како прва која го воведува ова кај нас, не го знам точниот одговор на ова прашање. Но, сметам дека овој град отсекогаш претставувал синоним за богат културен живот. Скопјаните, а и сите кои го одбрале Скопје за нивно место на живеење и ги прифатиле начините на функционирање тука, сакаат да одат на отворање на изложби, концерти, театарски претстави итн. Брзите социјални, политички и економски промени во многу негативно влијаеа на ваквиот начин на живеење, а пандемијата придонесе уште повеќе за нашето затворање по дома, па се надевам дека луѓето се изгладнети за дружби, средби и нешто поинакво во нивниот живот.
Како ова ќе влијае на едукацијата на публиката?
– Уметноста отсекогаш била смела, иновативна и нудела поинакви решенија. На крајот на краиштата, креативноста не е ништо друго, освен гледање на работите од поинаква перспектива. Сите сме креативни при секоја пречка што ни се исправува пред нас и мозокот бара различни начини за да ја разреши ситуацијата. Најдрагите пофалби за мојата досегашна работа во приближивање на изложбите до публиката доаѓале од оние за кои прошетката со мене ги направила горди што живеат во овој град и што се почувствувале како дел од светот.

Јас не можам, а и нема зошто да не ѝ го пренесам на публиката внатрешното чувство на исполнетост, одважност, возвишеност и воодушевеност кога кај нас се прават врвни изложби на наши и странски уметници, подеднакво. Конечно, посетата на уметничките изложби на луѓето верувам дека треба да им стане неопходност како кафето во текот на денот, а да не го доживуваат како луксуз или нешто што е наменето само за оние кои се од уметничкото милје.
Покрај МСУ, кои сè други објекти (поставки) ќе бидат застапени во турите?
– Идејата ми е да бидат опфатени сите изложбени простори кои нудат изложби во Скопје. Следната установа со која ќе соработувам наскоро ќе биде Националната галерија на Северна Македонија. Како поранешна соработничка и во оваа установа, не можам, а да не се радувам и да не сум понесена од „ренесансата“ која оваа установа ја доживеа со раководството на Дита Старова-Ќерими, како никогаш до сега, од своето златно доба во периодот на основањето.

Вие се магистер-историчар на уметност. Се живее ли денес во Македонија од оваа професија?
– Ах, ова прашање е директно во „отворена рана“ од која истекува лавина на болни мисли и емоции. Мислам дека ниедна моја колешка или колега не биле прашани јавно за ова. Во суштина, нашата професионална определба е вокација, повик на кој никој не оддолева бидејќи оваа работа се работи со љубов. Но, од другата страна, мислам дека во земјава не постои ниеден културен работник кој не доживеал злоупотреба од разновидни структури кои биле во позиција да не ја валоризираат на вистински начин посветеноста и пожртвуваноста на нашиот труд. Ова е навистина комплексна тема и се надевам дека наскоро ќе имаме прилика да позборуваме повеќе околу ова. За сега, како директен одговор на прашањето само ќе кажам дека навистина ми е жал што во македонскиот јазик не постојат различни глаголски основи кои би ја означиле непремостливата разлика меѓу тоа да се „живее“ и да се „преживее“. Тој мал префикс прави „животна разлика“.





