Од „Алшар“ до „Оскар“: Силвија Михајловска 13 години го гради модниот бренд

Денеска е 24 Април, Меѓународен ден на модната револуција, а го посветуваме на модната креаторка Силвија Михајловска

„Алшар“ е името на нејзиниот моден бренд кое веднаш го скокотка вниманието на љубителите на дизајнирана облека. Веќе 13 години е присутна на нашиот пазар. За да биде конкурентна во морето од трендовска облека што е постојано на попуст мора да има изразен дизајнерки печат.

Денеска е 24 Април, Меѓународен ден на модната револуција, а го посветуваме на Силвија Михајловска, креаторка на модниот бренд „Алшар“. Идејата за мода отсекогаш била тесно поврзана со сѐ што работи, уште од најрана возраст. Завршила средно уметничко училиште на отсек мода, а потоа и Факултет за ликовни уметности – отсек сликарство и мода.

Силвија Михајловска

– Потребата да креирам и создавам облека ја реализирав со отворање на моето студио „Алшар“ во 2008 година. Секое започнување на бизнис носи свои предизвици. Почнав да работам самостојно со малку искуство кое го имав. Но, со текот на годините созадов тим и принципи на работа кои значително го подигнаа квалитетот на мојата работа. Сето ова подразбира исклучителен и уникатен дизајн на креациите, мајсторски изработени од високо квалитетни материјали. Нашиот пазар е преполн со достапна трендовска облека и постојани попусти, па за да бидам конкурентна создавам креации со изразен дизајнерски печат. Не се мултиплицираат и имаат достапна цена соодветна за нашиот пазар – објаснува Михајловска.

Имала понуди да учествува на неколку „шоу-румови“ и „поп-ап“ продавници надвор од Македонија, но најмногу е сконцентрирана на домашниот пазар. Има свое студио каде што продажбата е најмногу фокусирана. Креациите се достапни и онлајн и често се продаваат низ Европа.
– Девојките што ги купуваат секогаш ми пишуваат за одличниот фидбек што го добиваат носејќи ги моите модели. Особено сум горда што лани режисерката Тамара Котевска носеше мои креации за време на оскаровските настани, а на самата вечер дел од тимот на филмот „Медена земја“ исто така беше облечен во „Алшар“ – вели Михајловска.

Тамара Котевска во креација на „Алшар“

24 Април се одбележува како Меѓународен ден на модната револуција во чест на 1.133 работници кои загинаа при уривањето на текстилната фабрика во Дака, Бангладеш, на 24 април 2013 година. Во несреќата беа повредени уште 2.500 работници. На овој ден организаторите на чествувањето ги охрабруваат луѓето да се запрашаат: „Кој ја поизведува облеката што ја носам?“

Михајловска вели дека македонските жени општо земено се грижат за својот изглед. Следат трендови и се обидуваат да бидат во чекор со светската мода, соодветно на условите што ги имаме кај нас.
– Моите клиенти умеат да препознаат добар дизајн, одлично скроено парче и квалитетна ткаенина и токму тоа е она на што треба да обрнат внимание младите дизајнери во своето работење – вели Михајловска.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели