Седмоодделенката Лара Станчева од скопското основно училиште „Лазо Трповски“ го освои третото место на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 кој традиционално се одржува во јапонската метропола Токио. На натпреварот учествувале 28.217 учесници од 161 земја од светот. Натпреварот го организираат УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите Нации за одржлив развој на образованието“. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО, а покровител е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.
– Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Смислата на животот“ училиштето на овој реноимиран меѓународен натпревар го претставуваа три ученички – Лара Станчева, Милена Милошевска и Тамара Ѓоќеска, координирани од предметниот наставник по германски јазик, Стефан Симовски – соопштува училиштето.
Јапонскиот амбасадор во земјава, Савада Хиронори ќе им ја врачи наградата на Станчева и на менторот Симовски на пригодна свеченост идниот месец. Школото „Лазо Трповски“ по осми пат учествува на овој реномиран натпревар. кој традиционално се одржува во Токио. Училиштето на натпреварот досега има освоено две награди.
Фото: ООУ „Лазо Трповски“





