80 години МНТ – аплаузи, насмевки, прегратки и надеж за подобар театар

Во Македонскиот народен театар синоќа се славеше театарот, се славеа 80-те години исполнети со аплаузи, премиери, праизведби, први улоги, дострели на нашите бардови. Завиткано во 2.5 часовен театарски спектакл во режија на Дејан Пројковски, со повеќе од 60-ина актери на Македонскиот народен театар, но и студенти, сето под мотото „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“.

Гледалиштето – полно до последно столче, свеченост владееше во воздухот, но и во насмевките и прегратките на актерите, гостите…

Пројковски понуди колажен концепт за да им се оддаде почит на доајените на МНТ, Ристо Шишков, Мери Бошкова, Петре Прличко, Љупка Џундева и други. Користејќи 3Д видеомапинг (Сергеј Светозарев), со одлични костуми (Марија Пупучевска) и шминка, на сцена ги видовме оживеани (но со нивните вистински гласови од сцени од претстави, меѓу првите актери на МНТ). „Сонцето, колку е блиску Сонцето. Made by MNT“ бeше визуелно силна претстава, можеби со недоволно издржан концепт.

На сцена провејуваше македонскиот бит, поголемите битови драми на Ристо Крле, Чернодрински, се потсетивме на Сердарот, Болен Дојчин… но и на култните дела на Горан Стефановски и Дејан Дуковски. Збунуваше по малку што дел од овие текстови или постановки не биле на сцената на МНТ, како што е „Диво месо“ беше култна претстава за Драмскиот театар… Можеби недостигаше повеќе ведрина, да се прикаже и комедијата во нашиот театар, да се излезе од траорната атмосфера на тешките теми што главно ги носи македонската драма.

Посебни чинители на овој спектакл беа музичарите што создадоа магија. И како да биде поинаку кога за музиката беа задолжени Горан Трајкоски и Сашко Костов. Тие дадоа посебна магија на вечерта. Ним им се придружија солистките Ана Митоска, Орхидеја Дукова и Оливер Настовски, на тапани, гајда и др. Специјални гости беа и Ана и Игор Дурловски.

Самиот спектакл беше еден вид омаж на македонската драматургија, воопшто. И и овде ни се покажа дека се уште ни е особено горливо прашањето за новиот драмски текст. После Дејан Дуковски и неговите најголеми дострели во драматургијата, МНТ нема лансирано нов современ автор – нешто на што мора да поработи како најголема национална театарска установа.

На сцена го видовме речиси целиот ансамбл на МНТ. Особено впечатливи беа масовните сцени во кои учествуваа студенти од Факултетот за драмски уметности и „Еуропа Прима“, но и актери од ансамблот на МНТ. Тие сцени дадоа посебен шмек на ансамблот. За кореографиите се погрижија Олга Панго и Ирена Лозанска. Асистент на режија беше Андреј Цветановски.
Се гледаше радоста кај секој актер што е на сцена. 80 години не е мал јубилеј. Нека биде водилка за иднината – да гледаме повеќе добри претстави, да пречекуваме што повеќе праизведби на домашни автори, оти без тоа нема нов театар. Сонцето, колку е блиску сонцето!

Сподели