Друштвото на филмските работници на Македонија годинава одбележува голем јубилеј – 75 години од основањето. Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи зборува за третманот на филмот во Македонија денес, на убавините на оваа комплексна уметност, но и на проблемите со кои долго време се соочуваат филмските работници
Филмот ја одведе Македонија на црвените килими низ Медитеранот, на оскарите, на најсилните европски фестивали, ја закити со награди … За да му биде вратено со отворен анимозитет и несфатливо кратење на буџетот. И така со години. Се надеваме дека долгоочекуваниот „пресврт“ конечно ќе се случи, вели режисерот Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија. Друштвото годинава одбележува голем јубилеј – 75 години од основањето. Иванов зборува за третманот на филмот во Македонија денес, на убавините на оваа комплексна уметност, но и на проблемите со кои долго време се соочуваат филмските работници.
На 7. издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, публиката ќе може да види два долгометражни, пет краткометражни и два документарни филма. Веќе неколку години евидентно е намалувањето на македонски филмски остварувања. Како во неколку реченици би ја опишале состојбата со македонската филмска уметност денес, во однос на потенцијалот и можностите?
– Македонскиот филм е во „кома“, а оскудниот квантум на филмови е последица на катастрофалната политика со која беше соочен години наназад. Филмот ја одведе Македонија најдалеку. На црвените килими низ медитеранските градови, на оскарите, на најсилните европски фестивали, ја закити со награди … За да му биде вратено со отворен анимозитет и несфатливо кратење на буџетот. Во најголема мера, оваа состојба е производ на незнаење, поточно елементарно непознавање на филмската дејност и европската филмска политика и пракса. Можностите и потенцијалот не само што се евидентни, туку се и докажани. Се надеваме дека долгоочекуваниот „пресврт“ конечно ќе се случи и на филмот ќе му биде вбризгана инјекција која ќе го врати во живот.

Игор Иванов-Изи
ДФРМ годинава слави јубилеј – 75 години од своето основање. Пред 75 години филмските работници на Македонија слободно се здружиле и го основале друштвото. Како би ја дефинирале сплотеноста кај филмските работници денес, кога често сведочиме поделба на табори и атмосфера на „студена војна“?
– Филмските работници се особена „сорта“. За да се биде филмаџија, човек мора да е вреден, да биде подготвен на секакви ситуации и многу свесно да го запоставува својот приватен живот. Станува збор за еден специфичен начин на егзистенција во секоја смисла и сосема е очекувано во услови на тешка криза во која веќе со години се наоѓа нашата дејност, кај филмските работници да се чувствуваат фрустрации и „тензија“. Но, не е насочена едни против други. Во суштина, филмаџиите се солидарни и цврсто сплотени во едно големо семејство и одговорно тврдам дека не постојат „табори“. Постојат креативни и продукциски тимови. Постоењето на табори и политички мотивирани лоби-групи се само муабети од поединци кои „пуштаат буви“, „сплеткарат“ и манипулираат, користејќи ја јавноста за да остварат сопствени интереси.
Филмските работници се од многу различни профили и имаат многу нерешени проблеми, работа во тешки услови, ограничена работа на проекти, невработеност, неможност за пензија итн. Кое е универзалното решение што би ги олеснило овие околности?
– Филмските работници се обесправени. Оние кои законот за авторски права ги препознава како автори (режисер, кинематографер, сценограф, монтажер …) имаат право да аплицираат и да се стекнат со статус „самостоен уметник“ и да остваруваат надоместоци за пензиско и здравствено осигурување. Но поголемиот број, кои имаат функција на соработници (шарфер, мајстор на светло, реквизитер, гардеробер, организатор, мајстор на сцена, сет дресер, камера оператор, тонец и десетици други специфични профили на филмски работници) не остваруваат право на ништо. Тие се едноставно – вонсистемски. ДФРМ понуди повеќе модели и решенија, но едноставно властите остануваа глуви на нашите настојувања и заложби. Последното решение понудено од наша страна пред две години значеше изнаоѓање на модел за самовработување преку регистрација на сопствен ентитет, со субвенции во месеците кога работникот не остварува приходи. Се надеваме дека конечно и ова наше прашање ќе биде ставено во фокусот на ресорите за труд и култура.

Што е потешко, да се режира филм во Македонија или да се раководи со ДФРМ?
– Да се режира филм е најтешката и највозвишена работа на светот. Тоа не може да се спореди со ништо. Малкумина знаат дека да се биде претседател на ДФРМ е почесна – волонтерска функција. За овие 75 години на ова место се нашле дваесеттина легендарни имиња, а меѓу нив и Јован Бошковски, Љубе Петковски, Бранко Гапо, Димитрие Османли, Кирил Ценевски … Заедно со Друштвото на писателите, Друштвото на ликовните уметници и Сојузот на композиторите, Друштвото на филмски работници на Македонија е гранитен столб во колонадата врз која почива македонскиот културен и национален идентитет. Честа е голема, обврските огромни, привилегии нема.





