Во Даут-пашиниот амам во Старата скопска чаршија вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „70 години од првата национална поставка“ (1951-2021). Ќе бидат изложени повеќе од 100 автори со околу 150 ликовни дела (слики, акварели, цртежи, графики и скулптури) подарени и откупени во периодот од 1948 до 1951 година. Изложбата претставува уште едно потсетување на успешните работни почетоци на галеријата и на огромниот вложен напор на тимот кој тогаш ја водел Уметничката галерија Скопје – Борко Лазески и Никола Мартиноски.
Куратори на изложбата се Славица Алексоска, Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска-Брзанова.
Од националната галерија велат дека во тоа време, комисијата за откуп на ликовни дела чии членови биле нашите извонредни познавачи на уметноста и ликовни авторитети – Димче Коцо, Лазар Личеноски и Димо Тодороски и државните институции со голема одговорност дале поддршка и придонеле тогашната Уметничка галерија да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија.
– Во овој период направени се трите најзначајни чекори во постоењето на оваа институција: Даут-пашиниот амам е адаптиран во галериски простор, формирана е богата галериска збирка и отворена е првата поставка од ваков вид во Македонија. На 2 август 1951 година, на свеченото отворање на Галеријата биле изложени дела од современата македонска уметност, од современата југословенска уметност, икони од 14 до 20 век, копии од фрески и макети од македонските средновековни цркви – велат од Галеријата.
Изложбата ќе биде отворена до 13 октомври. За сите што сакаат да ја видат изложбата, мора да ги почитуваат протоколите за заштита од ковид-19: задолжителна дезинфекција на раце, носење заштитни маски и потврда за вакцинација/прележан вирус.





