Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје го започнува зимскиот семестар со нова современа дигитална платформа за учење на далечина iLearn. Проектот е изработен од работна група во рамките на Комисијата за информатичка технологија, а раководител на проектот е проф. д-р Боро Јакимовски. На онлајн-работилница тој ги претстави можностите на интегрираната дигитална платформа за учење iLearn.
– Дигиталната платформа за учење на далечина iLearn e примарен и постојан систем што ќе се користи во редовна настава и по завршувањето на вонредните услови со пандемијата. Таа се заснова на еден од водечките системи за управување со учењето Moodle што се користи на голем број универзитети и училишта во светот. Направена е како интегрирана платформа и факултетите нема да користат сопствени ресурси за одржување и системот и опремата – вели Јакимовски.
iLearn овозможува, на едноставен начин, да се споделуваат материјали, ќе биде форум за размена на информации, задавање и поднесување на домашни и проектни задачи, како и систем за организирање на тестови. Во имплементацијата на проектот, од мај до сега, се вклучени околу 620 професори и асистенти, 68 администратори на платформата и околу 80 студенти. Подготвени се и електронски упатства за студентите.

Професорите Боро Јакимовски и Христина Спасевска на промоцијата на платформата
– Со нејзината интуитивност, пристапност и јасност, како и богатиот избор на алатки, можноста за индивидуален пристап на секој наставник и прилагодливост на различни видови курсеви и активности на далечина, таа може да се нарече идеална виртуелна училница – изјави Јакимовски.
Осовременувањето на наставно-образовниот и научно-истражувачкиот процес на високообразовните институции со помош на современите технички средства и методи кои базираат на информатичките технологии претставуваат тренд во денешно време, истакна ректорот Никола Јанкуловски.
– Ова особено се однесува на интеракцијата на студентите и наставниот и друг помошен кадар во процесите на реализација на наставата и другите активности поврзани со следењето на успешноста на студентите во академското напредување, но исто така и во завршувањето на нивните административни процедури поврзани со студирањето. Во релативно краток период успеавме да одговориме на предизвикот кој ни го наметна пандемијата, успешно да се престроиме и да продолжиме со реализацијата на една од нашите основни дејности – едукативната. И по завршувањето на пандемијата ќе имаме ефикасно средство – алатка за модерен начин на реализација на наставата. Се надевам дека со наше залагање ќе придонесеме за успешно усвојување на iLearn системот во секојдневното работење на факултетите и институтите и ќе го направиме неопходно и незаменливо помошно средство во наставата – рече Јанкуловски.

Ректорот Никола Јанкуловски
Според проректорката за настава, проф. д-р Христина Спасевска, новата дигитална платформа за учење на нашиот универзитет е современо решение што овозможува организирање на настава на далечина со концепт сличен како на големите странски универзитети.
– Уште поважно е што овој проект за многу кратко време, по барање на студентите, целосно го реализиравме со сопствени стручни, технички и финансиски капацитети. На проектот работеше тим од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, со подршка Ректорската комисија за информатичка технологија и професори од факултетите кои веќе имаа искуство со користење на дигитална платформа. Тоа укажува на фактот дека нашиот универзитет и понатаму останува лидер во областите кои се поврзани со процесите на дигитализација – рече Спасевска.





