Меѓународен ден по трет пат вчера се одржа во Американската гимназија – Скопје. Во духот на промовирање на различностите меѓу луѓето, негување интеркултурен дијалог и разбирање, а притоа со цел да се создаде безбедна и пријатна атмосфера за сите ученици, гимназијата го организира овој ден со цел да го поттикне интересот на учениците за другите земји и култури и да го зајакне чувството на почит кон другоста.

Оваа година, учениците од сите четири години беа поделени во тимови и секој тим имаше за задача да претстави една земја од светот. Одбрани беа Велика Британија, Мексико, Италија, Кина, Германија и Словенија, и под концептот „10 архитектонски чуда од…“ учениците ги презентираа убавините на земјите и ги раскажаа своите приказни.
Секоја земја имаше свој изложбен сегмент со интерактивен дел, кој ги привлече посетителите. Присутни беа и родителите на учениците, како и меѓународните студенти на Универзитет Американ Колеџ Скопје, кои уживаа во веселата атмосфера. Меѓу гостите беа и претставниците од Амбасадата на Велика Британија во Македонија, како и претставниците на Конфучиј центарот, кои заедно со учениците ги претставија своите земји.

Гостите ја изразија својата благодарност до Американската гимназија Скопје за организацијата на овој настан и придонесот во градење млади луѓе со отворен светоглед, како и за посветеноста на младите ученици во создавањето пријатна средина на различности, суштинска за нивната едукација.





