Полската и македонската култура се многу блиски, можеме уште многу да направиме заедно

„Полска на полица“ има за цел да ја промовира и да ја донесе полската книжевност во македонските библиотеки, а оттаму и до македонските читатели. Полска има голема книжевна традиција, голема современа книжевна продукција и важно е да стигне и до читателската публика надвор од границите на земјата, истакна полскиот амбасадор во земјава, Н.Е Кшиштоф Гжелчик, на отворањето на семинарот што се одржа вчера во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Н.Е Кшиштоф Гжелчик

– Полската и македонската култура и книжевност се многу блиски и многу слични. Многу нешта нѐ поврзуваат, а верувам дека заедно можеме да направиме уште многу нешта во таа насока – истакна амбасадорот.

Лесно се соработува со луѓе со кои делите иста визија и иста цел- промоција на квалитетна книга и високи естетски вредности, рече Снежана Стојчевска, директор на библиотеката.

– Библиотекарите се алхемичари. Тие преку книгите нудат совет, лек, подадена рака и менуваат животи. Овој семинар е пред сѐ за нив, како едукација и мотивација за да одговорат на сите предизвици што современите читатачки потреби и навики ги наметнуваат. Не е доволно само да имате квалитетна литература на полиците, потребно е таа да стигне до читателите, а тука главна алка се библиотекарите и токму затоа посветуваме големо внимание на нивното усовршување – истакна Стојчевска.

Проектот е резултат на соработката со пријателска Полска, а иницијатори и координатори за Македонија се Билјана Кочишка – советник библиотекар во Градската библиотека и Јоланта Гжелчик од полската амбасада.

Снежана Стојчевска

– Задоволни сме што „Полска на полица“ стигна и во Македонија, почнувајќи од Градската библиотека во Скопје. Во мај најавуваме Недела на полската книжевност и гостување на неколку наши автори тука. Се надеваме дека во иднина ќе склучиме партнерство и со полските библиотеки, кои ќе ја претстават македонската книжевност на нивните полици – подвлече Гжелчик, инаку библиотекар со долгогодишно искуство во промоција читачките навики во Полска.

Предавања за полската книжевност за возрасни, со акцент на книжевната репортажа имаа професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Лидија Танушевска и Јасмина Делова Силјанова, а Весна Мојсова – Чепишевска говореше за многу плодната полска книжевност за деца и млади.

Катажина Хумењук од Институтот за книга ја претстави полската национална стратегија за создавањето читачки навики кај децата уште од нивното раѓање.

Семинарот „Полска на полица“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ го завршија и библиотекари од библиотеките во Тетово, Битола, Штип, Охрид, Гевгелија, како и НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје.

Сподели