33-те премиери на Театар Комедија имале 258.292 гледачи во десет години

33 премиери во десет години се поставени на сцената на Театар Комедија од Скопје. Претставите имале 922 изведби, што ги проследиле 258.292 гледачи.

На Светскиот ден на театарот – 27 Март, Театар Комедија ќе ја заокружи својата прва деценија постоење. На 25 и 26 март јубилејот ќе биде одбележан со изведба на претставата „Клетвата на Скотје“ во режија на Синиша Евтимов.

– Првите десет години се најтешки, е мислење што често се слуша меѓу народот, а сѐ понатаму е песна. Да бидеме искрени – нас и овие десет години ни беа како песна. Затоа со огромна радост ќе го пречекаме 27 март и на Светскиот ден на театарот ќе влеземе во втората деценија на Театар Комедија – соопштија од културната установа.

Театар Комедија е основан во ноември 2011 година, а официјалното отворање беше одбележано со премиерата на претставата „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски на Светскиот ден на театарот – 27 март 2012 година. Првите две години Театар Комедија ја реализираше својата програма на сцената на Драмски театар – Скопје, а потоа својот дом го најде во објектот Театар Центар.

– Главната претпоставка за формирањето на Театар Комедија беше и, сѐ уште, е да се овозможи поголема театарска понуда со постоење на жанровски определен театар во државата, со репертоар кој ќе има бројни праизведби од македонски автори, комедии од класиците на светската книжевност и современи комедии од светската драматургија – посочуваат од Театарот.

Оттаму дополнуваат дека како благодарница, на првиот режисер во Театар Комедија, Коле Ангеловски, едно од седиштата во публиката добива плочка со натпис – Коле Ангеловски, првиот режисер во Т. Комедија, 27.03.2012, „Ах, љубов моја“.

Сподели