Научниот труд за археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно е публикуван во списанието „Патримониум“. Трудот е поврзан со минатогодишното истражување на предисторискиот локалитет и во него се сумирани резултатите од мултидисциплинарните истражувања кои се дел од континуираната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, и во која учествуваат врвни стручњаци и студенти од Универзитетот во Базел, Германскиот археолошки институт, Универзитетот во Белград, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Гоце Делчев“.

Автори на трудот се Гоце Наумов, Јасмина Гулевска, Феран Антолин, Амалиа Сабанов, Раул Сотерас и Анета Фиданоска.

– Трудот е концентриран на извонредните сознанија добиени од првите мултидисциплинарни проучувања на неолитската населба Влахо кај Живојно, а на која се вршеше ископување, систематско рекогносцирање, археоботанички, археозоолошки и радиокарбон анализи. Истражувањата потврдија дека станува збор за една од најголемите неолитски населби во Македонија, во која која се живеело пред околу 8.000 години и тоа во долг континуитет, што го покажуваат и повеќето архитектонски слоеви – велат авторите.

Споре днив, архитектонските остатоци посочуваат на постоење мноштво куќи градени од лепеж и глинест малтер, а кои во текот од неколку стотици години биле подигнати едни врз други и тоа во најмалку седум фази. Во нив се откриени фрагменти од одлично изработена керамика декорирана со бело сликани орнаменти, фигурини, жртвеници, модели на куќи и повеќе видови камени и коскени алатки. Тие упатуват на динамичниот економски и духовен живот на едни од првите земјоделски популации што ја населиле Пелагонија околу 6.000 години п.н.е. Тоа го потврдуваат и бројните органски остатоци кои се резултат на конзумирањето разни житарици и шумски плодови, како и на исхраната со домашни и диви животни.

– Со публикувањето на овој труд се афирмираат исклучително ретките сознанија за неолитските населби во падините на пелагонските планини. Воедно, овој труд претставува и обид да се презентира и популаризира непознатото предисториско културно наследство во Македонија, а кое изобилува со уникатни уметнички и технички одблесоци – велат научниците.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.