28 кратки филма на 5. „Галичник филм фестивал“ од 1 до 4 август

Девет краткометражни филмови од автори од повеќе земји, ќе бидат прикажани утревечер во 20.15 часот на отворањето на 5. Галичник филм фестивал. Организаторите најавуваат вистинска магија на големиот екран, каде природата ги буди сите сетила.

Вкупно 28 краткометражни филмови, кои доаѓаат директно од престижните филмски фестивали како што се тие во Кан, Венеција, Торонто, Локарно, на Санденс….

По свеченото отворање, ќе настапи „Скопје брас квинтет“. Нивната музика ќе ја исполни вечерната тишина, создавајќи совршен спој на звуци и слики. Тие ќе отсвират новокомпонирана музика на познати филмски сцени, дел од проектот „Филмско-музичка фузија“.

Во текот на четирите дена, покрај филмските проекции, посетителите ќе имаат можност да учествуваат во различни активности – дискусии со режисери и актери, работилници, и многу повеќе. Љубителите на културата ќе можат да ги истражат и историските и културните знаменитости на Галичник, да уживаат во локалната гастрономија и да се поврзат со природата.

Членови на жирито на фестивалот се: актерот Ѓорѓи Јолевски, режисерката Тамара Котевска и филмскиот монтажер Мартин Иванов и кинематографот Џин Дакар.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи и балканската работилницата за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски. Избрани се пет проекти во развој од земјата и регионот.

Фестивалот е поддржан од Агенција за филм и Министерство за култура и туризам. Програмата е бесплатна.

Сподели