Математичарот Лука Хаџи Јорданов доби ретка стипендија за магистерски студии на „Сорбона“

Математичарот Лука Хаџи Јорданов (21) е единствениот Македонец кој добил стипендија Paris Graduate School for Mathematical Sciences за магистерски студии на познатиот универзитет „Сорбона“ во Франција, кој на Шангајската листа е 4. во светот за студии по математика. Оваа стипендија годинава ја добиле 32 студенти во првиот рок за аплицирање, односно вкупно 44 студенти.

Хаџи Јорданов неодамна дипломираше теориска математика на Математичкиот факултет при Универзитетот во Белград, кој е највисоко рангиран универзитет на Балканот по Шангајската листа. Четиригодишните студии ги заврши за 3 години со 10.0 просек, додека последните 18 испити (од вкупно 40) ги положил во рок од 6 месеци (вклучително со 11 испити положени во една споена испитна сесија), објаснува Хаџи Јорданов.

-Мислам дека сум единствениот студент во Србија што успеал да го постигне ова откако постои Болоњската декларација во оваа земја од 2003 година“, објаснува Хаџи Јорданов.

Лука се натпреварува по математика уште од осмо одделение и досега бил на околу 50 олимпијади.

– На околу 30-ина имам освоено медал, што претставува рекорд меѓу македонските олимпијци по математика, можеби и во која било друга наука – вели тој.

Младиот Лука аплицирал и бил примен и на Оксфорд, кој е трет по ред на Шангајската листа за математика.

Стипендијата PGSM се доделува за студирање на универзитетите Сорбона, Пари Дофин и Пари сите од 2010 година. Во 2022 година за факултетите аплицирале 1023 кандидати, од кои 41 ја добиле стипендијата, што значи ја добиваат помалку од 5% од кандидатите.

Сподели