24 автори ќе се натпреваруваат на „Поетски слем Македонија“

Со изложбата „Hello Deadline, my old friend, I’ve come to talk with you again“ на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 18.30 часот ќе почне 14. издание на Националниот „Поетски слем Македонија“. На поетскиот натпревар пријавени се 24 автори од повеќе градови. Тие утре (11 октпмври) во 18 часот ќе продефилираат низ центарот на Прилеп и ќе рецитираат поезија на повеќе локации. Дефилето ќе заврши во клубот „Таверна“ каде што ќе се одржат две промоции на поетски книги – „Јазик за двајца“ од Пијан Славеј (Бранислав Николов) издание на „Прозарт медиа“ и „Модра мрежа“ од Марина Шокева на „ПНВ публикации“. Настанот почнува во 19 часот.

Официјалниот слем-натпревар ќе се одржи во киното „Мис Стон“ во 20.30 часот. Настанот ќе продолжи со отворен микрофон, каде што ќе можат да настапат и гостите од публиката. Поетска дружба ќе продолжи во резиденцијата „Ана Плетварска“ во село Плетвар.

Третиот фестивалски ден (12 октомври) ќе се одржат промоции на книгите „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова-Лори и „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска, двете во издание на „Чудна шума“. Промоциите ќе се одржат во клубот „Таверна“ со почеток во 19 часот.

Специјална гостинка на фестивалот е Шенон Саливан од Берлин, која ќе одржи свој музичко-поетски перформанс во киното „Мис Стон“ во 21 часот. Саливан е членка на европската поетска платформа „Версополис“, а нејзината поезија е преведена на германски, француски, шпански, ерменски, словачки, холандски и италијански. Настапувала на повеќе европски поетски фестивали.

Последниот фестивалски ден (13 октомври) учесниците ќе присуствуваат на литургија во црквата „Света Петка“ во населба Точила, а во 10 часот ќе се одржи поетско читање на манастирот Трескавец.

Традиционално за манифестацијата се печати и зборник во кој се застапени сите пријавени автори, а годинава го издава Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје.

„Поетри слем Македонија“ ја организира Театарска работилница од Прилеп. Досега има испратено девет национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство. Годинешниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското. Дизајнот на фестивалскиот плакат е на уметникот Владимир Лукаш.

Сподели