„Визуелни спознанија“ е насловот на изложбата на дела од пациенти во Психијатриската болница во Демир Хисар ќе биде отворена денеска во 10.30 часот во Домот на култура „Илинден“ во истиот градот. Ќе бидат претставени серија од ликовни дела кои содржат интимни приказни на самите автори.
– Сликите се визуелен говор на потсвесните емотивни и психолошки состојби на учесниците и тие во голема мера се од големо значење во областа на спонтаното творештво и арт брут уметноста – велат организаторите.

Изложбата е резултат на сликарската работилница одржана годинава во Психијатриската болница, под менторство на уметникот Тони Попов и Центарот за креативни индустрии-НЕБО, а финансиски е поддржана од Министерството за култура. Изложбата се отвора по повод 10 Октомври, Светскиот ден на менталното здравје.
Од 2018 година, Центарот за креативни индустрии-НЕБО активно работи на темата ментално здравје и преку своите активности во соработка со Психијатриската болница во Демир Хисар за залага за подигнување на свеста за важноста на менталното здравје и разбивање на стигмите околу менталните болести. Сликарските работилници што ги организира Центарот имаат терапевтска функција, чија цел е увид во психолошко-емоционалните состојби, кои за време на креативното творештво визуелно се пресликуваат и стануваат одраз на сите потсвесни состојби со кои човекот секојдневно се соочува.





