1.200.000 денари ќе добие Дејан Георгиевски од Владата за освоеното олимписко сребро, а неговите тренери Борче Костовски и Дарко Костовски – 600.000 денари. Тие денес соопштија дека се откажуваат од нивната награда и сметаат дека таа треба да оди во рацете на олимпиецот.
– Мојот брат д-р Борче Костовски и јас како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост! За нас како тренери во овие моменти доволен е олимпискиот историски сребрен медал со златен отсјај – вели Костовски.
Агенцијата за млади и спорт ќе му додели 600.000 денари на Георгиевски.
Георгиевски и неговиот тим се враќаат од Јапонија утре и во 19.30 часот на плоштадот ќе биде организиран свечен пречек. Од тимот најавуваат дека на скопскиот аеродром треба да слетаат во 14.30 часот и ги покануваат сите што сакаат да ги пречекаат.





