13 претстави со стотина изведби во неполни три години одбележува театарот „Златен Елец“ од Скопје. Четири премиери ја одбележаа оваа гоина на независниот театар, и тоа: „Дневникот на лудиот 3: Куќа на духови“ во режија на Ѓорѓи Ризески, „Грета“, „Кенди“ и „Разнесени“ во режија на Тамара Стојаноска.
Освен премиерите и изведбите во Скопје и низ државата, Театар „Златен Елец“ во март годинава настапи на Балкански театарски фестивал во Бурса, Турција со претставата „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева.

Месецов, на репертоарот во Скопје, секоја недела е детската претстава „Новогодишна авантура“, продолжувајќи ја праксата од ноември за претстава за деца и во недела. Освен во Скопје, низ градовите од државава ќе настапи театарското шоу „Која сум јас“ на Надица Петрова и детската претстава, а во Богданци на 22 декември ќе се одиграат претставите „Дневникот на лудиот 3“ во режија на Ризески и дуодрамата „Грета“ во режија на Стојаноска.
Во февруари в година, театарот слави 3 години постоење и публиката ќе има можност уште на почетокот од годината да ги проследи сите активни претстави на нашиот театар.
– Освен репризите, наредната година имаме за цел уште повеќе да гостуваме во внатрешноста на државата, ќе поставиме домашни автори и нови актуелни странски драмски текстови и ќе имаме уште поголем ангажман во проектите на невработените уметници, како и досега, статистиката вели дека најголем дел од ангажираните лица за проектите се невработени, а тоа беше нашата најголема цел уште од почетокот – вели еден од основачите на независниот театар, актерот – Бобан Алексоски.





