Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа – Париз-Берлин-Вашингтон од денеска 13-та година ќе ги презентира најдобрите остварувања од регионот во европските престолнини. На онлајн-изданието ќе може да се проследи македонскиот филм „Кино Љубов“ од Јани Бојаџи. Фестивалот ќе трае до 6 јуни, а направена е селекција на кратки и анимирани филмови од македонски автори.
Признанието „Легенди на Југоисточна Европа“ годинава го доби познатиот хрватски режисер Бранко Шмит. Признанието Актер на Југоисточна Европа, го добива хрватската актерка Ања Шоваговиќ-Деспот. За личност на Југоисточна Европа (SEE Personality 2023), е прогласен Ацо Ристов, Градоначалник на Општина Радовиш, како валоризација на неговите економски иницијативи за европеизација на Балканот.
Признанието за животно дело во областа на филмската документаристика Гран при, „Фредерик Росиф 2023“ кое го носи името на еден од најпознатите автори на документарниот филм во светот, ми припадна на францускиот документарист Серж Моати. Наградата Еуропа Прима (Europa Prima 2023) му е доделена на извршниот директор на Skopje Technology Park, Иван Видаковиќ.
Фестивалот се организира во соработка со универзитетите: Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин и American University од Вашингтон. За наградите на фестивалот ќе одлучуваат две жирија, европско и американско. Во состав на европското жири се: Фроса Пејоска-Бушеро, професор на ИНАЛКО Париз и филмските критичари Фредерик Фапани, Ив Русле и Игор Станковиќ.
Американското жири го сочинуваат Роман Костовски, Патрисија Корбет, и Жаклин Хедингтон, филмски и литературни публицисти и критичари.
Наградените филмови од фестивалот, подоцна ќе бидат презентирани во рамките на проектот „Балканофилмофилија“ во Скопје, во соработка со Кинотеката на Македонија и Општина Карпош, како и во повеќе други градови од Балканот.
Фестивалот го поддржува Министерството за култура на Република Франција и на Црна Гора. Во досегашната историја на оваа манифестација која стана културен прозорец на новите имиња на синеасти кои за првпат ги презентираат своите остварувања во двата најголеми центри на Европа, досега се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.





