Бил млад кога во науката се профилирал како многустран ерудит, студиозен и оригинален истражувач во областа на класичната филологија, пишува во неговата биографија објавена од МАНУ
Денеска се навршуваат 110 години од раѓањето на академик Михаил Д. Петрушевски, класичен филолог, микенолог, прв декан на Филозофскиот факултет, еден од основополжниците на МАНУ. Роден е на 2 јули 1911 година во Битола, каде завршил основно училиште и гимназија. Студирал класична филологија на Филозофскиот факултет во Белград каде што дипломирал во 1935 година. По ослободувањето се вратил во Македонија и активно учествува во организирањето на Филозофскиот факултет и првиот македонски универзитет. Бил прв декан на Филозофскиот факултет (1946-1949) како и ректор на Универзитетот во Скопје (1956-1958).
Во неговата биографија објавена на страницата на МАНУ пишува дека Петрушевски е еден од иницијаторите и долгогодишен одговорен уредник на првобитно сојузно југословенско, а подоцна угледно меѓународно научно списание „Жива антика“.
– Бил млад кога во науката се профилирал како многустран ерудит, студиозен и оригинален истражувач во областа на класичната филологија. Меѓу неговите први достигања на меѓународнот научен план се издвојува херменевтичкиот приод кон делата на истакнати антички автори: Хомер, Ајсхил, Аристофан, Хесихиј, Полукс и др. Според сопственото признание, за најзначајно го смета истражувањето и емендациите на Аристотеловата „Поетика“ каде што дава вонреден придонес со иновативното и аргументирано толкувањето на дефиницијата на трагедијата. Остварените резултати на ова поле добија соодветен одглас и признание во светската наука и се претворија во еден од препознатливите печати на македонската класична филологија – пишува во неговата биографија.
Значаен е неговиот придонес во микенологијата, нова наука од средината на 20 век. Веднаш по дешифрирањето на линеарното Бе писмо (1952/3), тој се вклучува во најтесниот круг на класични филолози кои нудат толкувања на микенски знаци и зборови што беа прифатени од светските специјалисти. Во неговите препеви на делата на Хомер не се гледа голем познавач на хомерскиот грчки туку и на македонскиот поетски јазик.
– Внесувајќи во својот препев на Хомер бројни архаизми и дијалектизми, тој успеа не само да ја збогати изразната моќ на македонскиот јазик туку и да даде верен и продлабочен одраз на оригиналниот хомерски јазик што е редок случај во светската преведувачка постапка. На овој план е значаен и придонесот остварен во критичките изданија и преводи на делата на Григор Прличев (Мартолозот и Скендербеј). Тоа се дела со капитално значење за македонската култура воопшто кои остануваат основа за многу натамошни научни истражувања – се вели во биографијата.
Неговиот научен опус опфаќа околу 200 објавени трудови од кои голем дел се на француски, германски, англиски, грчки, латински и италијански јазик. Своите научни откритија ги презентирал на универзитетите во: Москва, Санкт Петербург, Безансон, Берлин, Рим и др. Тој е еден од членовите-основоположници на МАНУ.
Насловна фотографија: Википедија





