Професорите по хемија се повлекуваат, губат талентираните ученици што освојуваат медали за Македонија

Системот е нефункционален од самиот почеток бидејќи државата не поддржува обезбедување на услови за подготовки ниту пак обезбедува средства за котизација за учество на олимпијадите и патување на екипата, вели проф. д-р Марина Стефова

Професорите по хемија се откажуваат од подготовката на средношколците за меѓународните натпревари од каде во последните пет години освојуваа медали како национални претставници на Македонија. Одлуката ја донесоа минатата недела на состанокот на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ), здружение акредитирано за организација на натпревари по хемија за ученици, а потоа и за нивна за меѓународни натпревари по хемија. Револтирани од незаинтересираноста на државата да ги среди правилниците и законите, тие подготовките им ги препуштаат на наставниците од средните училишта за кои Законот предвидува награди.

Родители на таленирани деца кои веќе се подготвуваат да ја претстават Македонија на претстојната 53. Меѓународна олимпијада по хемија – Icho2021 која кон крајот на јули ќе се одржи во Токио велат дека ја разбираат одлуката на професорите. Децидни се дека најмногу ќе изгубат талентираните деца, а со тоа и Македонија.

Проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Секцијата за хемиско образование при СХТМ и редовен професор на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет вели дека веќе две години размислуваат за промени во системот на селекција и подготовки на учениците. Очекувале промена во третманот од страна на државата и поддршка на нивните напори за целата процедура: избирање на најдобрите ученици во повеќе кругови на селекциони натпревари, реализација на сериозни подготовки за учество на Меѓународната олимпијада по хемија и конечно – одењето на олимпијадата.
– Но, тоа не се случи и решивме да го рационализираме целиот процес и да овозможиме учениците да работат повеќе самостојно и со своите ментори од училиште на совладување на предвидената програма за IChO, а на Институтот за хемија да се реализираат завршни подготовки со избраниот тим од 4 ученици еден месец пред олимпијадата – објаснува Стефова.

Програмата за оваа олимпијада е обемна и голем дел од содржините што треба да се совладаат се на многу повисоко од она што се изучува во средното образование. Затоа подготовките беа организирани од СХТМ, а се реализираа на Институтот за хемија каде има услови и кадар за тоа.
– Наставниците од средните училишта ги немаат потребните услови, ниту можност и време за ваква обемна дополнителна работа пореди нивните обврски со редовната настава, ниту пак се мотивирани да го прават тоа. Освен тоа, речиси сите средни училишта во нашата држава немаат хемиски лаборатории, а онаму каде што ги има, недостасува соодветна опрема за реализирање на предвидените експерименти. Тука се и хемикалиите кои честопати се специфични, па и Институтот за хемија, односно СХТМ треба да ги набавуваат објаснува Стефова.

Ништо не може да ја замени директната интеракција меѓу професорите и учениците

Според правилата на IchO, секоја екипата е составена од 4 ученици и 2 ментори што ги подготвуваат и водат учениците на олимпијадата. Тоа се претставниците на СХТМ – универзитетски наставници на Институтот за хемија кои за своето менторство добиваат сертификати од организаторот на олимпијадата. Но, според Законот за средно образование за постигнат успех на меѓународна олимпијада награда следува за ученикот и менторот кој го подготвувал, но тоа мора да е неговиот наставник од средното училиште. Подготвувањето за олимпијадата се потврдува со изјава потпишана од родителите на ученикот и при тоа не е потребен никаков документ од организаторот на олимпијадата за наставникот.
– Оваа апсурдна ситуација се повторува секоја година и овозможува наставник кој воопшто не бил вклучен во никакви подготовки за олимпијада да добие награда само затоа што случајно предава на талентиран ученик кој вредно работи и влегол во тимот, напорно се подготвувал на Институтот за хемија и освоил медал на Меѓународна олимпијада по хемија. А менторите кои навистина работеле немаат право на награда бидејќи не го исполнуваат условот од правилникот на МОН – не се наставници во средно образование и покрај тоа што приложиле сертификат за ментор од организаторот на IchO! Направивме обиди за надминување на овој проблем, но немаше разбирање ниту каков било резултат и нашето незадоволство прерасна во револт. Токму затоа и решивме да го рационализираме целиот процес и на Институтот за хемија да се реализираат завршни подготовки со избраниот тим од 4 ученици еден месец пред олимпијадата, а не како досега – подготовки во тек на 5-6 месеци – објаснува Стефова.

Јан Стојановски, на манифестацијата „Денови на науката“ во 2019 година

Ружица Андроникова е мајка на Јан Стојановски, средношколецот во прва година кој неодамна освои бронзен медал на Европската олимпијада по физика. Воедно тој е и најмалиот член на тимот што ќе ја претставува Македонија на IchO 2021. Андроникова вели дека најголемата системска подршка на учениците што учествуваат на меѓународни натпревари доаѓа од друштвата и сојузите акредитирани да ги спроведат селекционите натпревари за учество на ваквите меѓународни натпревари.
– Тука спаѓаат основните информации за натпреварите, претставувањето на програмата, темите и областите во кои ученикот треба да се подготвува, предлог-литературата, итн. Но, најбитна од сѐ, е наставата и директната работа со учениците. Иако има и самостојна работа, ништо не може да ја замени директната интеракција и настава меѓу професорите и учениците. За Јан тоа е највредниот извор на знаење – објаснува Андроникова.

Според неа, нивото на знаење потребно за ваквите натпреаври далеку го надминува нивото на она што се предава во училиштата и на она што е предвидено во програмите на Бирото за развој на образованието.
– Ако државата навистина сака да помогне на ваквите деца кои се гладни за знаење, треба да им овозможи најдобри професори и најдобри подготвки. Едноставно, она што се бара и што се добива во училишниот систем е недоволно. Училиштето ни помага со тоа што му дава повеќе време на Јан и на другите вакви деца да се посветат на областите кои ги интересираат, дава административна и морална подршка, но знаењето потекнува од друштвата и сојузите – вели Андроникова.

Врвната наука бара врвни предавачи и демонстратори

Колку родителите вложуваат во образованието на талентираните и надарени деца на кои им е неопходна надградба надвор од стандардното образование? Андроникова вели дека пред сѐ, вложуваат доста време, бидејќи сопствените планови често мора да ги прилагодат кон потребите за подготовки.
– Кога Јан беше во основно училиште велев дека плаќаме три пати – еднаш преку даноците за системот на образование, втор пат за приватното училиште, трет пат за приватни часови. Без дополнителните часови, редовно, во текот на целата година, нема да има успеси. Сега има и стипендија во училиштето, но сепак се потребни многу дполнителни часови за да се разработат сите теми и области од меѓународните натпревари. Кога велам области, тоа значи дека еден професор не е доволен. Потребен е системски пристап. Сојузот на хемичарите и технолозите, но и другите друштва од областа на природните науки, имаат организиран пристап, настава од различни области, со различни професори, секој во својата област. И згора на тоа, нудат и практични вежби. Ние дома имаме минилабараторија, купуваме лабараториска и електронска опрема, хемикалии и инструменти, ама сепак треба некој да го води Јан низ овие процеси. Врвната наука бара врвни предавачи и демонстратори, врвни стручњаци што на децата како Јан, а познавам повеќе такви деца, ќе им ја пренесат науката – објаснува Андроникова.

Од подготовките на Институтот за хемија / Фото: архива на СХТМ

Таа жали што професорите од Инситутот за хемија биле принудени на ваков чекор. Поради онлајн подготовките имала шанса да чуе дел од подготовките и предавањата.
– Видов голем ентузијазам, желба за работа, посветеност, волја да се пренесе знаењето на учениците. Верувам дека таквата одлука е донесена поради крутите правилници и регулативи на МОН и другите државни инсититуции. Кога веќе МОН признава 13 меѓународни олимпијади, не разбирам зошто не направи пропис со кој системски ќе се регулира учеството на нив. Тоа не е голем товар за една држава, неспоредлив со други трошоци, а ќе ги ослободи и друштвата и родителите од дополнителни грижи, и ќе им овозможи на сите да се посветат на знаењето и науката. Овие друштва имаат цела низа активности да ги мотивираат децата кон науката. Има месец на наука, па големи и многу интересни хемиски експерименти, известувања за гостувања на познати научници, итн. Сметам дека ваквите напори државата треба да ги препознае и награди. А ние, во недостиг на системски и организиран пристап, ќе мора да бараме индивидуално решение и индивидуални часови. Ова особено ќе ги погоди оние деца чии родители имаат поскромни финансиски можности – вели Андроникова.

Дополнителни трошоци за родителите на талентираните ученици

Јулија Трајкова е мајка на Михаил, уште еден талентиран средношколец кој годинава по трет пат ќе ја претставува нашата држава на меѓународна олимпијада. Таа вели дека станува збор за еден исцрпувачки процес, како за натпреварувачите, така и за родителите.
– Како родители на талентирано дете секогаш сме спремни и сакаме да излеземе во пресрет за сѐ поврзано со неговото школување. Па кога станува за збор за вложување во неговото образование, немаме граници! Настојуваме колку што можеме повеќе да му помогнеме во негувањето и проширувањето на неговиот талент и љубовта кон науката – вели Трајкова.

На прашањето каква системска поддршка обезбедува државата и образовните институции за развој на еден талентиран ученик, таа одговара дека живееме во држава каде сè има приоритет пред образованието.
– Верувам дека сите би се сложиле дека се доста запоставени. И покрај големата желба на професорите и учениците, како и огромниот труд кој го вложуваат, тие сè уште немаат пристап до сите потребни ресурси, па се принудени да се задоволат со апсолутен минимум. Во последно време забележуваме некои промени и реформи, кои ни даваат надеж дека во иднина ќе има поголема заинтересираност и поддршка од државата бидејќи моменталната не е доволна за развој на многубројните македонски таленти – вели Трајкова.

Медали освоени на Јуниорската олимпијада по природни науки / Фото: архива на СХТМ

Оваа година Михаил завршува со средното образование, па донесената одлука на СХТМ нема да се одрази на неговиот понатамошен успех.
– Но, целосно ја разбирам нивната одлука. Апсурдно е да немаат никакви услови за подготовки за еден натпревар од ваков ранг! Верувам дека следните генерации ќе бидат принудени да бараат помош и приватни ментори, што значи дополнителни трошоци за родителите, кои би требало да бидат покриени од државата – вели Трајкова.

Откако СХТМ ја презеде организацијата на нашето учество на олимпијадите по хемија, учениците од Македонија редовно осовојуваат медали. Стефова објаснува успехот се должи на напорна работа, развивање и унапредување на системот на подготовки во последните шест години.
– Подготовките од самиот почеток се реализираат со поголем тим наставници и соработници од Институтот за хемија. Тие сериозно пристапија кон подготовка на материјали и наоѓање на погодни начини за пренесување на своето знаење и лабораториски вештини за да може избраните најдобри средношколци да го достигнат потребното високо ниво на знаења и да стасаат и до медали во силната конкуренција на IchO – објаснува таа.

Крајно време е државата да го реши проблемот

Професорите многупати јавно говореа за овој проблем и апелираа до надлежните институции да се да се реши. Последен пат пред еден месец ја најавија одлуката за повлекување од подготовките за олимпијадите. МОН тогаш кусо прокоментира дека сите промени во образованието „ги креира преку консултативен процес со засегнатите чинители и низ широка јавна дебата во која може да учествува секој кој има волја и е подготвен за придонес во креирањето на најдобрите решенија во интерес на младите“.

МОН: ЗА ПРОМЕНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ ЈАВНОСТА ЌЕ БИДЕ НАВРЕМЕНО ИНФОРМИРАНА

Стефова вели дека во целата ситуација најмногу губат учениците кои не се виновни за ништо и само сакаат да стекнат повисоки знаења и вештини и да ја претставуваат својата земја на меѓународни натпревари во знаење.
– Сегментот на наградување е последниот од низата! Системот е нефункционален од самиот почеток бидејќи државата не поддржува обезбедување на услови за подготовки ниту пак обезбедува средства за котизација за учество на олимпијадите и патување на екипата. СХТМ, како и другите здруженија (на физичарите, биолозите, математичарите…), со години моли за спонзорства за да ги обезбеди овие средства. Крајно време е државата да го реши проблемот со поддршката на подготовките и учеството на екипите на најдобрите ученици, кои ја афирмираат Македонија во светот со своето знаење! Тоа не се големи средства за една земја и ефектите од оваа поддршка ќе бидат повеќекратно поголеми од нивната номинална вредност, особено ако се земе предвид фактот колкави средства на пример се одвојуваат за стипендии за студирање во странство. Некаква надеж имаше во донесувањето на новиот закон за средно образование, но и тој заглави во лавиринтите на системот. Неопходно е да се обезбеди младите таленти да се подготвуваат за меѓународни натпревари во соодветни услови, без грижа дали ќе има пари за учество, и со гордост да ги бранат боите на својата земја која треба да им дава безрезервна поддршка во нивниот развој и достигнувања, кои се и нејзини! – децидна е Стефова.

 

Сподели