Во 2016 година под покровителство на National Geographic почнаа археолошки ископувања во Црквата на светиот гроб во Ерусалим
Православниот христијански свет вечерва на полноќ ќе го одбележи најголемиот верски празник – Велигден. Се смета за најголем затоа што со воскреснувањето Исус Христос докажал дека тој е божјиот син и со својот татко, Бог и со светиот дух го оформил тројството кое владее во нематеријалниот свет.
Aрхеолозите трагаат по многу повеќе прашања од тие што си ги поставуваат обичните верници. На неколкумина им се оствари научниот сон кога во 2016 година под покровителство на National Geographic почнаа археолошки ископувања во Црквата на светиот гроб во Ерусалим. Дотогаш, најстариот архитектонски дел од местото беше датирно од време на крстоносните војни, пред 1.000 години.
Низ вековите, Црквата на светиот гроб претрпела насилни напади, пожари и земјотреси. Била целосно уништена во 1009 година и постепено реизградена. Тоа ги навело современите научници да се прашаат дали местото воопшто може да се идентификува како светиот гроб каде било положено телото на Исус пред да воскресне.
Научните истражувања на National Geographic покажаа дека остатоците од пештерата од варовник која била запечатена и надградена со црква е токму од римскиот период, од 4. век.
Примероците од варовник датираат околу 345 година, а според историските настани, пештерата ја откриле Римјаните и ја засводиле околу 326 година.
Додека археолошки е невозможно да се потврди дека гробот е местото каде биле положени останките на личноста позната како Исус од Назарет, кој според Новиот завет бил распнат во Ерусалим кога имал 30 или 33 години, новите истражувања покажаа дека оригиналната конструкција на гробниот комплекс е од времето на Константин, првиот Римски император кој ја прифатил христијанската религија.
Гробот беше првпат отворен во октомври 2016 година, кога олтарниот дел што го поклопува светиот гроб, позната како Едикуле, беше темелно реставриран. Целата акција ја спроведе интердисциплинарен тим од Националниот технолошки универзитет од Атина.
Извор: National Geographic
Наловна фотографија: Црквата на светиот гроб/Pixabay





