Работниците во Македонија имаат законски права, но не си ги знаат доволно

1 Мај, Меѓународниот ден на трудот се одбележува во повеќе земји од светот во чест на жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго

Осумчасовното работно време е една од најголемите придобивки од бунтот на работниците во Чигаго пред 135 години, поради кој цел свет денеска го одбележува 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот. Се одбележува во повеќе земји од светот во чест на жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. Работниците штрајкувале, а едно од брарањата било воведување на 8-часовен работен ден. Полицијата употребила сила врз штрајкувачите, имало и жртви. Подоцна, организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени.

Македонија е една од земјите во светот која го одбележува 1 Мај. До 2006 година се празнуваше на 1 и 2 Мај, а веќе 15 години се празнува само на денешниот датум.

Колку се почитуваат правата на работниците во нашата земја? Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2019 година објави анализа на стандардите за работничките права и нивната примена во земјава. Во заклучоците пишува дека законската регулатива не е основниот проблем во ефективната и ефикасна заштита на правата на работниците. Taa е во согласност со конвенциите и потребни се мали промени за потполно да транспонираат на директивите на Европската Унија и имплементирање на евидираната Европска социјална повелба. Заштитните механизми предвидени во законите се доволни, но постојат проблеми од процедурална и суштинска природа при нивното користење.

„Клучен недостаток во системот на заштита на работничките права е отсуството на соодветно информирање на работниците за нивните права и механизмите на заштита кои им стојат на располагање во однос на мерките на заштита на здравјето и безбедноста при работа. Колективните договори не ја прецизираат материјата поврзана со заштитните механизми и не им нудат на работниците разбирливи и јасни процедури за постапување во ситуациите кога треба да бараат заштита“ пишува во анализата.

Во меѓународната регулатива се нагласува улогата којашто треба да ја имаат синдикатите во заштитата на правата на работниците.
„Наспроти ова, во Македонија синдикалното организирање е хаотично, препуштено на ад хок делување, без соодветна обука на синдикалните претставници, правна поддршка и со многу ограничен домен на делување, посебно во превенцијата на прекршувањето на правата на работниците. Комплексноста и повеќеслојноста на системот на заштита на правата на работниците го прави исклучително тешко користењето на овие механизми во пракса“, с евели во анализата.

Според податоците на Државниот завод за статистика од март годинава, лани во земјава имало 950.858 активни лица. Од нив вработени се 794.909, а 155.949 лица се невработени. Стапката на невработеност изнесува 16,4 отсто. Во февруари годинава просечната плата изнесувала 27.948 денари, а минималната – 14.955 денари.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели