Патувачкото кино на „МакеДокс“ вечерва ќе запре во Пекљани

По завршувањето на 12. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“, екипата ги продолжува своите омилени патешествија низ државата во рамките на Патувачкото кино и вечерва ќе има проекции во виничкото село Пекљани. Синоќа Патувачкото кино запре во Виница.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ оваа година го смени својот формат и се одвива во четири викенди во различни месеци од летниот период. Во јуни беше во Кратово (25 јуни) и с. Шлегово (26 јуни), во јули имаше проекции во Штип (2 и 3 јули), Кочани (9 јули) и Оризари (10 јули), додека последните две проекции од годинашното Патувачко кино ќе се одржат во Виница (3 септември) и Пекљани (4 септември).
Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм, општините Кратово, Кочани, Штип и Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.
Фестивалот „МакеДокс“ се одржа од 19 до 26 август во Скопје, беа прикажани 70 документарни филмови во пет категории, присуствува над 30 гости, а петте жири-комисии, кои беа составени од 15 врвни професионалци од документарниот свет, доделија пет награди и четири специјални признанија. Во рамките на фестивалската програма се одржа и третото издание на МакеКоПроДокс форумот, на кое беше направен пичинг на 11 проекти во фаза на продукција и постпродукција од регионот.
Сите активности на Патувачкото кино на „МакеДокс“ се одвиваат согласно протоколите за одржување на културни настани во време на пандемија.

 

Сподели