Мурал од 20 квадратни метри со ликот на Блаже Конески во Скопје

Проекција на документарни филмови за Блаже Конески и откривање на мурал посветени на великанот на македоскиот јазик и култура во вторник ќе се одржат во Кинотека на Македонија. Ќе бидат прикажани документарни филмови и тв-емисии инспирирани од неговиот живот и посветени на неговото книжевно дело. Муралот, пак, е дело на младиот кумановски уметник Дејвид Стоилковски-Молерај, кој има богато искуство со исцртување на мурали и графити. Муралот ќе биде на површина од 20 квадратни метри, а на него ќче биде отсликан портретот на Конески, задно со одредени одлики на неговото творештво.

Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993) е еден од најистакнатите македонски книжевни, културни и јавни дејци. Академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и лингвист, преведувач, реномиран славист и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, основач на Македонската академија на науките и уметностите и една од најзначајните личности во македонската книжевност.

Творештвото на Конески е богато и опфаќа голем број прозни, поетски, есеистички и други дела. Конески е добитник на најзначајните државни награди за своето творештво, меѓу кои и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата (1981), како и бројни меѓународни признанија.

Настаните се во рамките на одбележувањето на 30 години независност на Македонија и 100 години од раѓањето на Блаже Конески. Дејвид Стоилковски дипломирал на Академијата за ликовни уметности, отсек графика во класата на професорката Славица Јанешлиева. Учествувал на повеќе групни изложби и проекти. Учествувал во разни проекти за исцртување мурали и графити низ Куманово и Македонија.

Сподели