Денеска се отвора макeдoнскиот павиљон на 17. Венециско биенале за архитектура
Во дворот на палатата „Зорзи“ во Венеција денеска во 10 часот ќе биде промовиран проектот „Сега“ со што официјално ќе биде отворен макeдoнскиот павиљон на 17. Венециско биенале за архитектура. Нашиот тим завчера пристигна во Венеција. Градот кој во својата историја памети години на колера, на чума, во 21 век во пандемија ја реализира светската архитектонска изложба која ќе трае шест месеци. Полицискиот час почнува во 22 часот, а сите мора да се придржуваат до строгите протоколи.
Проектот „Сега“ на Друштвото за проектирање, инженеринг и услуги „Бина архитектура Дооел“ е одговор на темата на годинашната изложба „Како ќе живееме заедно?“, која ја зададе кураторот на годинашната интернационална изложба, либанскиот архитект и едукатор Хашим Саркис. Нашето претставување и целата логистика ги организира Националната галерија на Македонија.

Бекир Адеми, Ирена Стефоска, Дита Старова-Ќерими и Јордан Шишовски (од лево кон десно)
Архитектот Бекир Адеми е куратор на македонскиот павиљон. Ден пред отворањето, вели дека тешко со зборови ќе се долови низ какви процеси поминале во изминатите месеци.
– Поминавме низ многу предизвици од сите аспекти. Но, отежнувањето и инспирацијата нè доведоа до суштината. Има два аспекта. Филозофскиот, човечкиот, одговорот на самата тема зрееше токму преку доживувањето на потешкотиите – како ќе живееме заедно, ако си помагаме, се дружиме, ќе можеме заедно. Од технички аспект, пак, имавме многу комплексно решение, не можеше едноставно да се реши. Концептот го работевме подолго време, па со одложувањето ни остана време за усовршување. Од различни аспекти испадна дека многу работи се потврдија. Најважно беше да се долови пораката, кога ќе влезете во павиљонот, да почувствувате нешто, да ја примите, разберете, да ја доживеете. Тука е и материјалот, дрвото, тоа е зграда, облакодер, човек, во него се содржани сите социолошки проблеми, сè што сме ние, и сè треба да доведе до резултатот – СЕГА. Сега е нашето време, сега треба да сториме нешто – вели Адеми.
Јордан Шишовски, ко-куратор, на проектот му пристапил повеќе теоретски, и на проблемот, и на темата.
– Целиот проект беше склопен дома, но тука… тука доби една сосема друга димензија. Поставен во дворот на палатата „Зорзи“, движењето на Сонцето во секој следен момент му дава нова перцепција. Колку и да замислувате како ќе изгледа, не можете да го доживеете додека не го видите на локацијата. Секој момент е нов. Со играта на светло и темно создава различна претстава, слика, поглед кон небото, горе-долу. И со музичката инсталација целото дело прерасна во една архитектонска музичка целина. Има толку многу слоеви со значења – објаснува Шишовски.

Директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими е комесар на изложбата. Според неа, проектот „Сега“ ја рефлектира идејата за заедно или заедништво преку вечното единство на дуалитети, што е веднаш воочливо во односот на микро и макроструктурата, а во себе инкорпорира повеќе различни толкувања на односите внатре-надвор, приватно-јавно, отворено-затворено, дом-општество, поаѓајќи од индивудуата како основна клетка во колективитетот.
– За мене, најважно е што во Венеција донесовме една синтеза за значењето на зборот „дом“ и верувам дека на најдобар начин ќе ја претставиме македонската архитектура на оваа исклучителна манифестација – вели Старова-Ќерими.
Ова е тимот што го создаде „Сега“:
Конструкција, материјализација и дизајн: Бекир Адеми/БИНА.
Логистика: Енис Абовски, Амине Адеми, Атанас Наумовски.
Аудио-инсталација: Владимир Лукаш.
Текст: Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Бекир Адеми.
Графика: Ивана Чалоска, Енес Север.
Учесници: Бекир Адеми, Ана Рафаиловска, Ивана Чалоска, Јордан Шишовски, Енис Абовски, Енис Север, Амине Адеми, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Аида Салиху, Дрен Невзати, Елмедина Хасани, Нита Чаволи.
Фото: Национална галерија на Македонија
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.





