Во интервјуто со проф. д-р Атанас Вангелов, посветен истражувач на богатото поетско, прозно наследство на Блаже Конески, разговараме за големиот Конески, за неговата оставштина, но и за состојбата на македонскиот јазик денес
Повеќе од четири децении „Лирската биографија на Конески“ (во издание на „Слово“) тлеела кај проф. д-р Атанас Вангелов, сѐ дури не се соочи со виделината на денот минатата година. Како студент и посветен истражувач на богатото поетско, прозно наследство на Блаже Конески, кодификатор на македонскиот јазик, Вангелов на интересен начин споил свои лични впечатоци од професорот со неговото творештво. Вангелов е поет, раскажувач, книжевен теоретичар, преведувач, а беше и долгогодишен професор на Филолошкиот факултет кој го носи името на Блаже Конески. Македонија годинава одбележува 100 години од неговото раѓање.

Проф. д-р Атанас Вангелов
„Лирската биографија на Конески“ ја доби наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Ова е прва од книгите што ќе ја сочинуваат трилогијата посветена на импозантниот опус на Конески кои треба да се појават во текот на годинава.
Во „Лирската биографија на Конески“ на интересен начин пишувате за поезијата на великанот, а провејуваат и биографски моменти и Ваши средби со Конески. Колку долго тлееше оваа книга во Вас?
– Во руската наука за литературата постои изразот „творечка историја“ на уметничко или научно дело која го опфаќа периодот од времето на првата замисла за некоја книга, па до нејзината дефинитивна верзија. Таа „творечка историја“ се базира врз записи, белешки, скици и верзии кои претходат на некоја дефинитивна верзија. Од таа гледна точка, историјата на „Лирската биографија на Конески“ е мошне долга. Можам да ја лоцирам кон крајот на 1975 и почетокот на 1976 кога во париската Национална библиотека можев да дојдам до оригиналните списанија и книги на руските формалисти. Тогаш и сфатив дека Конески имал добар увид во теоретската мисла на руските формалисти и оти, во своите научни списи, на свој, мошне неупадлив начин, користи некои иновации на тие формалисти. Нешто потоа, јас се обидов и да го покажам тоа кога изразот „остранение“ на Виктор Б. Шкловски го поврзав со изразот „изневера“ на Конески кој се јавува во неговата студија за делото на Марко Цепенков од 1954.
Каков беше Конески како личност? Скромен, питом е впечатокот што се добива од вашето дело и од други изданија.
– Исто толку правичен, енергичен и смел истовремено. Добар пример за тоа е неговиот запис за великанот на јужнословенските литератури, хрватскиот писател Мирослав Крлежа. По неговиот „Љубљански реферат“ од крајот на 1952 година тој стана нешто како врховен авторитет во културниот и уметничкиот живот на бивша Југославија. Во „Дневникот по многу години,“ во кој е објавен записот за Крлежа, Конески објаснува дека на Конгрес на Сојузот на писателите во тогашна Југославија паднало одлука да не се гласа за изборат на Крлежа за прeтседател на СПЈ, туку да се прифати прeдлогот „со акламација“. По интервенцијата на некои видни писатели, сепак, се донесло одлука да се – гласа. Огромното мнозинство било „за“ Крлежа, со само два гласа „против“. Тие два гласа биле на српската поетеса Мира Алечковиќ и на нашиот Конески. „Јас гласав против“, сведочи Конески во својот запис, „во духот на демократијата.“ Се разбира, Крлежа не му го заборавил тоа. При еден погоден момент му се обратил со зборовите: „Где си, гробару мој“.

Портрет на проф.д-р Вангелов (дело на Спасе Шуплиновски)
Годинава се навршуваат 100 години од раѓањето на Конески. Сметате ли дека доволно го чуваме неговото дело и соодветно го пренесуваме на новите генерации?
– За мојата книга „Лирската биографија на Конески“ досега објавија критики Андреј Стојановски во „Слободен печат“ и писателот Венко Андоновски во „Нова Македонија.“ Првиот е сè уште студент на Филолошкиот факултет, а вториот еден од водечките писатели на нашата нова литература и не помалку угледен универзитетски професор. Неговите многубројни статии и студии за делото на Конески зборуваат за тоа дека ние имаме луѓе кои не само што го чувствуваат, туку и знаат добро да го објаснат значењето на монументалното дело на Конески за нашата модерна култура и тоа на еден впечатлив и енергичен начин. Во својата песна „Претеча“, Конески кажа дека тој зборувал „општо за состојбите“, но и тоа дека оние што ќе дојдат по него „ќе кастрат со сор“. По онаа одвратна и подла хистерија од почетокот на 90-тите години кога, некои луѓе од непосредна близина на Љубчо Георгиевски (тогаш премиер на Владата на Република Македонија) се обидоа да го дискредитираат делото на Конески, во духот на онаа доктрина што сега нам ни ја (пре)продаваат ликови како Захариева, министер во владата на Бојко Борисов и Каракачанаов, исто така министер во таа влада, можам да речам дека сега имаме луѓе не само кај нас, туку и во Бугарија кои знаат да му се спротивстават на тој архајски ултранационилазим, за кој во детали и без пардон зборуваше Конески уште во 1948. Друга работа е како се однесува кон тоа нашата политика. Наша несреќа е тоа што, од деведесеттите години па наваму, во врвот на нашата државна власт имаме луѓе кои скромно се упатени во нашата политичка и културна историја. Мој впечаток е дека луѓето од сегашната власт стојат најлошо по тоа прашање. Мојот директен одговор на вашето прашање е, дека, сега имаме една генерација учени луѓе која знае да „го сака и прославува“ делото на Конески, како што напиша тој во својата поема „Григор Прличев.“
Би сакале ли да споделите некоја анегдота поврзана со Конески?
– Бев на промоцијата на неговата книга „Во светот на песната и легендата“ која се одржа во Друштвото на писателите на Македонија, една година и нешто пред неговата смрт. Претседател на ДПМ беше тогаш писателот Јован Павловски кој одржа вообичаено, „пофално слово“ за таа книга со некои детали кои им даваа до знаење на присутните дека тој е многу близок со него. Во еден момент тој си допушти да го потсети својот некогашен професор дека на испит кај него добил „некоја шугава шестка“. Не беше многу јасно што сакаше да каже со таа своја шестка и затоа таа немаше некој „одек“ кај тие што го слушаа. Потоа зеде збор Конески кој му се заблагодари на својот уводничар и издавачот, со кус осврт за карактерот на неговата книга. Своето обраќање го заврши со зборовите: „Што се однесува до вашата шестка, Јоване, вие си ја заслуживите.“ Можете да си замислите каква беше реакцијата на публиката.

Филолошкиот факултет кој го носи неговото име сѐ повеќе кубури со број на студенти заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик и литература. Колку државата се труди да ги привлече младите да се посветат на мајчиниот јазик?
– Тој проблем има долга историја и со него се соочил Конески уште во времето кога бил активен универзитетски професор. Датира, најверојатно од времето на шеесетите години на минатиот век кога почнаа првите радикални реформи во основното, средното и високото образование. Се сеќавам, дека во мое време тогашните гимназии беа поделени на јазички и математички насоки. Потоа дојдоа оние дилетантски Шуварови реформи кои го поткопаа дотогаш солидното средно образование, а по нив уследија безброј други кои доведоа до ова што сме – денеска. Завршниот удар му го зададе автократската власт на Никола Груевски која, практично, го уништи и тоа што постоше како скромен образован стандард. Не знам како барем малку ќе се подобри таа состојба, а и не сум некој оптимист. Тоа што сега го имаме ние како солидно образовани луѓе се оние што нашле начин да одбранат магистратури и докторати на некои странски универзитети и кои, потоа, се враќаат во нашата земја. Тие не се многу, но нивниот глас се слуша. Што се однесува до прашањето зошто катедрите за јазик и литература „кубурат“ со студенти, би си допуштил да речам: ни оние што треба да кренат глас за таа, веќе, драматична состојба (професорите кои предаваат македонски јазик и литератури на Филолошкиот факултет во Скопје) не се премногу загрижени.
На што сте фокусирани перидов во однос на Вашето творештво? Дали можеби создавате некоја нова поетска книга?
– Никогаш не сум пишувал песни „во континуитет“ како што го прават тоа некои „чисти“ поети. Тоа го правам само тогаш кога не можам нешто јасно да кажам на друг начин освен со „јазикот на лириката“. Тој се разликува од јазикот на науката по степен, а не по природа. Токму затоа големиот филозоф на витализмот Фридрих Ниче рече, во една учена студија за карактерот на јазикот, дека „сè е метафора“ во јазикот. Земете го зборот „степен“ со неговиот турски еквивалент „дереџе“ кој исто така постои во нашиот разговорен разик. Дури и тој збор е – метафора. Сакам со тоа да кажам дека јас не правам суштинска разлика меѓу уметничко, научно и разговорно писмо. Се разбира, сите тие си имаат автономни граматики и лексикони кои треба добро да ги познава оној што сака да биде разбран како лирист, прозаист или есеист. Сега го довршувам третиот том од мојата трилогија кој зборува за прозата на Конески. Во текот на работата на таа книга се покажа дека неговата проза од 1955 има директна врска со тоа што го пишуваат една плејада надарени писатели од нашата сегашна проза. Јас почнав веќе да ја читам систематски таа наша нова проза и да пишувам за неа „во континуитет“ во весникот „Слободен печат“. Постои голема веројатност, откако ќе ја завршам книгата за прозата на Конески, да се зафатам со книга која ќе ја објасни врската на нашата нова проза со онаа на Конески од неговата книга „Лозје“.
Насловна фотографија: Википедија
УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.





