Лука Грашкоски, Дамјан Давков, Никола Спировски, Блаже Суклевски, Јасна Илиева и Марија Атанасова се шестемина млади математичари кои ќе ја претставуваат Македонија на претстојната Интернационална математичка олимпијада. Поради Ковид-19, олимпијадата која годинава ја организира Русија, ќе биде целосно онлајн. Дури четворица од олимпијците се ученици на ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје.
ЛУКА ГРАШКОСКИ ГО СРУШИ РЕКОРДОТ – ТРЕТ ПАТ Е ПОБЕДНИК НА МАКЕДОНСКАТА МАТЕМАТИЧКА ОЛИМПИЈАДА
Лука Грашкоски е матурант во НОВА Меѓународните училишта и актуелен победник на Македонската математичка олимпијада. Дамјан Давков е осмоодделенец во училиштето „Ванчо Прке“, кој гордо го носи името Штипски Питагора и се натпреварува рамо до рамо со неколку години постарите од него математичари. Никола Спировски е ученик во прва година во „Јахја Кемал“, кој минатата година освои златен медал на Јуниорската балканска математичка олимпијада. Блаже Суклевски е трета година во „Јахја Кемал“, инаку е победник на Иранската геометриска олимпијада. Јасна Илиева е исто така во трета година во „Јахја Кемал“ и освои сребрен медал на Европската женска математичка олимпијада оваа година. Марија Атанасова, ученичка во прва година во „Јахја Кемал“, освои златен медал на истата олимпијада.
ЗЛАТО, СРЕБРО И БРОНЗА ОСВОИЈА МЛАДИТЕ МАТЕМАТИЧАРКИ ОД МАКЕДОНИЈА
Од Сојузот на математичарите, кои го организираат тестирањето за избор на тимот, а и го подготвувааат истиот, информираат дека активностите за лидерот на тимот и неговиот заменик ќе започнат на 16 јули и ќе траат до 24 јули. ИМО ќе биде отворена на 18 јули, а натпреварот ќе се реализира на 19 и 20 јули.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.





