Македонија и Грција денеска го направија првиот формален чекор во културната соработка меѓу двете земји со меморандум за соработка меѓу Министерството за култура и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици. Документот го потпишаа министерката за култура, Ирена Стефоска и претседателката на Управниот одбор на Центарот, Наталиа Пулу.
– Се радувам за она што го носи иднината. На сите ви посакувам продуктивна и плодна работа заедно – рече Стефоска.
Пулу изрази задоволство и надеж дека соработката која почнува во доменот на конзервацијата и реставрацијата ќе прерасне и во соработка на научно поле, издавање публикации и популаризација на културното наследство. Меморандумот претставува основа за соработка меѓу нашите надлежни институции за заштита на културното наследство и Европскиот центар, за размена на експерти, како и за обука на кадар за конзервација и реставрација.
Двете земји ќе соработуваат и на развој на проекти и нивно промовирање во европските институции, како и за заедничко аплицирање во фондовите на Европската Унија. Потпишувањето на меморандумот беше иницирано во рамките на неодамнешната посета на грчка делегација кога беше потврдена отвореноста за конкретна соработка меѓу двете земји.





