Студентите од „Стив Наумов“ се жалат дека 16 дена немаат интернет

Можно е да имало оптоварување на сообраќајот, па на моменти да имало прекин во врската, но невозможно е сосема да е прекината – објаснува директорот Виктор Велевски

Повеќе од две недели се без интернет студентите што живеат во студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда. Студентите се жалат дека испитите се ближат, повеќето од нив полагаат онлајн поради пандемијата, а интернет нема 16 дена. Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“ Виктор Велевски вели дека интернетот не е прикинат од операторот, во случајов А1, кој по добиена тендерска постапка обезбедува интернет за студентските домови.

– Интернет немаме од 26 април. Неколку пати го прашувавме управникот зошто нема, тој ни рече дека сме го потрошиле месечниот и дека ќе имаме од 1 мај. Денеска е 12 мај, интренет сѐ уште немаме. Наводно сме симнувале филмови, а всушност самиот интернет не дозволува да се симнуваат програми и апликации. Испитите се ближат, повеќето полагаме онлајн, имаме дополнителнет трошок за интернет, иако во цената за киријата плаќаме и интернет – велат студентите.

Велевски за Умно.мк вели дека нема информација за целосен прекин на интернетот, иако постојано одржува состаноци со управителите на домовите.

Дворот на „Стив Наумов“

– Ниту имаме дојава за проблеми од операторот. Можно е да имало оптоварување на сообраќајот, па на моменти да имало прекин во врската, но невозможно е сосема да е прекината – објаснува Велевски.

Тој додава дека немаат firewall кој би спречил корисниците да симнуваат филмови и поголеми пакети од мрежата, па како резултат на тоа сообраќајот се преоптоварува.

– Заштитен систем чини многу, но ќе мора да набавиме. Невозможно е еден студенски дом за потроши 7-8 терабајти интернет месечно за содржини поврзани со студирањето. И тоа со преполовени капацитети поради пандемијата. Има многу нерешеи проблеми кои полека треба да ги решаваме – вели Велевски.

Студентите дополнително се жалат дека со недели не никој не ја коси тревата во „Стив Наумов“ каде преклани се појави змија.

– Чуварите ни велат, пазете, затворајте врати и прозорци. Три недели по ред ни велат, ќе се коси од понеделник. Прашање е кој понеделник… – велат студентите.

Велевски објаснува дека имаат меморандум за соработка со општините чии служби треба да го средат проблемот. Сите се известени дека треба да излезат на терен, но пролет е, и службите се преоптоварени во овој период од годината.

– Имаме работници, но немаме механизација. Одлучивме по кратка постапка за јавни набавки да обезбедиме тримери и во вакви ситуации секој сам да си го средува дворот – објасни Велевски.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели