Денот на Христовото воскресение – Велигден не е само најголемиот, туку и најстариот христијански празник што се празнува од 2. век. Тој е суштината на христијанството, потврда на самата вера, пишува фолклористот Марко Китевски во својата книга „Македонски празници и празнични обичаи“.
„Со право многу истражувачи истакнуваат ако не постоеше Христовото воскресение, ќе требаше да се измисли. Всушност, Исус Христос се јавил во едно такво пресудно време кога царувале неморалот и расипништвото, кога човештвото се нашло на беспаќе“, пишува Китевски.
Кај македонскиот народ постојат повеќе обичаи и верувања поврзани со Велигден. Тие почнувале од Велика недела, една недела пред големиот ден. Секој ден се изведувале посебни обичаи.
„На Велигден рано наутро децата убаво облечени одат по куќите да го честитаат празникот за што добиваат по едно црвено јајце. Посебна радост претставува обичајот кршење со јајцата. Тој што ќе победи му го зема јајцето на тој што изгубил“, пишува во книгата.
Припаѓајќи на циклусот пролетни празници, велигденските народни песни пеат за разбудената природа, за повторното враќање на животот.





