Наместо на Биенале во МСУ, на „Одбиенале“ во „Јавна соба”

„За жал, не сме во можност да ги профатиме сите апликации“ пишува на плакатот за „Одбиенале“ – инвентивниот наслов на изложбата на дела од 15 млади ликовни уметници која вечерва, во 20 часот ќе биде отворена во „Јавна соба“. Истовремено, во Музејот на современата уметност на Скопското кале ќе биде отворено 13. Биенале на млади уметници. Делата што ќе бидат изложени во „Јавна соба“ се всушност на уметниците кои биле одбиени од МСУ за биеналната изложба под насловот „Страст за лутање“.

– Следејќи го примерот на францускиот „Салон на одбиените“ што во далечната 1863 година бил организиран под покровителство на Наполеон Трети за уметниците чиишто дела биле одбиени од жирито на официјалниот париски „Салон“, 15 млади македонски уметници одлучија да ѝ ги покажат на јавноста делата што беа одбиени на конкурсот за 13. Биенале на млади уметници, во организација на МСУ, Скопје. Како своевидно „наследство“ од француските колеги импресионисти, но и колегите од македонскиот Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. што во 2011 година организираа сличен настан, сакаме да ја потенцираме потребата од алтернативни „неофицијални“ изложби, за да се спречи високо-конзервативните академски тела да доминираат и во естетиката и во јавниот вкус во уметноста. Јасно е и жално, што истиот проблем, кај нас се провлекува во континуитет – велат организаторите на „Одбиенале 2021“.

Тие додаваат дека токму таа „Страст за лутање“ која нема и не смее да има граници ги обединила одбиените, без оглед на сè, да ги понудат и прикажат своите дела на јавноста.
– (Не)селекцијата не значи дека делата кои уметниците сметаат дека се одраз на нивните идеи не треба да бидат изложени. Напротив, делата се создаваат за да бидат видени – децидни се тие.

Во „Јавна соба“ вечерва изложуваат: Марко Тасевски, Воскресија Андреевска, Ико Илиевски, Гаја Смилевска, Христина Ѓорѓиевска, Дејвид Стоилковски, Васил Гаврилов, Дарко Трајковски, Андреа Ангеловска, Стефан Божиновски, Александар Ефтимовски, Маргарита Симовска, Марија Трпеска и Ива Станковскa.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

 

Сподели