Меѓународното биенале на млади уметници со наслов „Страст за лутање“ ќе биде отворено вечерва во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје. Интересно е што програмата на годинашното Биенале ќе се реализира на повеќе локации, а не само во МСУ, кој е организатор. По вечерашното отворање, од утре публиката ќе може да ја види изложбата во Природонаучниот музеј, додека на 21 мај – во Музејот на Македонија. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи ќе биде отворена за посетители на 22 мај со почеток во 13 часот. Овие локации се избрани како примери за модернистичко архитектонско наследство на Скопје и на потенцијалот на тоа наследство.
На поставките ќе бидат изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Селектирани се дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција.

Сите настани во различни институции ќе бидат придружени со музичка програма на која ќе настапат со свој диџеј сет Мартина Пенева во МСУ, Aka Thesaur во Природно-научниот музеј, Еми Ермилова во Музејот на Македонија и џез составот „Светлост“ во Управата за хидрометеоролошки работи.
Со свои дела ќе се претстават: Дарко Алексовски, Стефан Анчевски, Мартин Волман, Сали Ертунч, Филип Ивановски Пепе, Методи Исков, Јован Јосифовски, Соња Јо, Ана Јовановска, Ресул Кабоглу, Никола Кекеровиќ, Ана Лазаревска, Николо Масини, Јулија Манојлоска, Ивана Мирчевска, Ана Марковска, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, Мила Паниќ, Кристина Пулејкова, Никола Радосављевиќ, Дритон Селмани, Душан Стефановски, Бојан Стојкиќ, Милица Лазаревиќ Спировски, Ивана Самандова, Ана Трајковска, Адриен Ујхази, Елена Чемерска, Миа Чук и Зоран Шекеров.
Биеналето е мултидисциплинарен настан, еден од значајните од областа на современата уметност, првенствено поради тоа што неговата цел е да наоѓа начини и создава простори, преку кои ќе ги претстави најновите уметнички насоки на генерацијата уметници и куратори што доаѓаат. Биеналето на млади, освен изложбена, содржи едукативна програма, со која низ низа активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење.





