Нацрт-националната стратегијата за заштита и користење на културното наследство за 2021-2025 вчера на својата интернет страница ја објави Управата за заштита на културното наследство
Само 17,5 отсто од регистрираните споменици на културата во Македонија се ревалоризирани, покажува Нацрт-националната стратегијата за заштита и користење на културното наследство за 2021-2025 која вчера на својата интернет-страница ја објави Управата за заштита на културното наследство. Според Законот за заштита на спомениците на културата од 1973 година, 1.211 добра биле прогласени за споменици на културата, регистрирани во Централниот регистар на културно наследство. Законот донесен во времето на Југославија беше во употреба сè до 2004 година кога беше донесен Законот за заштита на културното наследство. Новата регулатива предвидуваше ревалоризација на добрата и поделба на нови категории. Така, во моментот се регистрирани 20 поединечни добра од категоријата особено значење и 212 добра од категоријата значајно културно наследство. Како споменички целини се прогласени 12 добра и тоа: 4 стари градски јадра, 5 стари чаршии и 3 рурални целини.
Во фокусот на стратегијата за наредните четири години се три стратешки цели:
– Унапредување на правниот систем, организациската поставеност, планирањето, финансирањето, управувањето и капацитетот на одговорните субјекти за заштита на културното наследство;
– Обезбедување меѓусекторска соработка за спроведување интегративен пристап во областите кои имаат допирни надлежности со заштитата и користењето на културното наследство;
– Подигање на свеста на јавноста за значењето на културното наследство како потенцијал за креирање развојни политики за добробит на општеството.

Археолошки локалитет Стоби / Фото: архива Умно.мк
Нецелосното и бавното спроведување на ревалоризацијата на културното наследство предизвикува дисконтинуитет во исполнување на законската одредба за ревалоризација на сите културни добра, регистрирани според Законот од 1973 година, пишува во страгеијата.
– Тоа создава проблеми во аргументирањето на плановите/програмите и реализацијата на заштитно-конзерваторски активности на стручните служби. Во однос на културниот предел, проблемот со валоризацијата дополнително се усложнува поради отсуството на интегративен и мултидисциплинарен пристап меѓу секторите за култура и за природа и просторно планирање. Нема заеднички стратегиски план за заштита на пределот и на заедничка методологија за идентификација, управување и планирање на развојот на културниот предел. Така, ниту едно добро не е утврдено како културен предел.
Според документот, недвижните се со одреден степен на загрозеност предизвикана од повеќе фактори: изложеноста на трајни негативни влијанија заради неодржување, ненавремено преземање на превентивни и заштитно-реставраторски интервенции, напуштеност, несоодветно користење, недостаток на финансиски средства, нерешени имотно-правни односи, неприменување на санкции и недоволната свест на имателите/корисниците за вредностите на културното наследство.
– Ваквите состојби се резултат и на немањето механизам за редовно следење (увид) на состојбата на културното наследство, негова валоризација ниту редовно ажурирање на тие податоци и преземените заштитни мерки – наведено е во стратегијата.
Проектите за конзервација и реставрација на културното наследство се често парцијални и програмски, методолошки и функционално несоодветни и несинхронизирани, а сеопфатните проекти за рехабилитација на ваквите добра се многу ретки. Таквата состојба е резултат на повеќе фактори меѓу кои се: недостаток на финансиски средства/делумно финансирање на проектите, недоволната кадровска и техничка екипираност и стручност за изведување на специфични и сложени конзерваторски постапки, проблематична примена на методологијата за изработка, следење и реализација на проектите, употребата на несоодветни материјали, неспорведување на соработка со имателите/корисниците (особено во врска со рехабилитацијата потребна за одредени видови недвижно културно наследство) и сл.

Мустафа-пашина џамија во Скопје / Фото: архива Умно.мк
Во однос на состојбата на недвижното археолошко наследство, во стратегијата пишува дека на годишно ниво се вршат археолошки истражувања на различни локалитети, но обемот на истражувачките работи најчесто е временски и финансиски ограничен.
– Во последните години, процентуално најбројни се систематските истражувања (30 %), сондажните истражувања (14%), заштитните (12%), рекогносцирањата (3%) и истражувања преку недеструктивни методи (1%). Во поголем обем се истражени 20-тина археолошки локалитети, кои се презентирани во различен обем или воопшто не се презентирани, поради недостиг на инфраструктура, современо дизајнирана опрема, но пред сè – поради отсуство на менаџмент и маркетинг планови за нивна достапност и презентација до пошироката јавност – се вели во документот.
Во Националниот регистар што го води УЗКН со (ре)валоризација на движното културно наследство внесени се 92 заштитени добра според следните видови и категорија на значење:
– Уметнички предмети од категоријата значајно културно наследство (8), од категоријата значајно културно наследство ex lege (6) и од категоријата – особено значење (12);
– Археолошки збирки од категоријата значајно културно наследство ex lege (6) и од категоријата од особено значење (14);
– Етнолошки збирки од категоријата значајно културно наследство ex lege (2) и од категоријата особено значење (4);
– Историски збирки од категоријата значајно културно наследство ex lege (4) и од категоријата особено значење (8);
– Библиотечни добра од категоријата значајно културно наследство (1), категорија значајно културно наследство ex lege (2) и од категорија особено значење (10);
– Аудиовизуелни збирки од категоријата особено значење (2), и Збирки на архивска граѓа од категоријата значајно културно наследство ex lege (10).





