Истражување: Што навистина се случи во Националната галерија на Македонија?

Умно.мк во изминатиот месец истражуваше подлабоко што се случува во оваа исклучително важна и комплексна институција под чија надлежност денес се четири објекти – Даут-пашиниот амам, Чифте амамот, Мултимедијалниот центар „Мала станица“ и Куќата на Лазар Личеноски. Истражувањата се проширија на подолг период – од основањето на институцијата до денес

Едно попладневно соопштение на вработените во Националната галерија на Македонија на 16 јули годинава ја разбранува јавноста дека нешто се случува во институцијата подолго време, излегоа неколку неофицијални прилози во медиумите и нештата стивнаа. Галеријата – еден од пиларите на македонската национална култура каде се чуваат и презентираат врвни уметнички дела и колекции заштитени со Закон, во истиот период доби нов директор и – бурата стивна.

Умно.мк во изминатиот месец истражуваше подлабоко што се случува во оваа исклучително важна и комплексна институција под чија надлежност денес се четири објекти – Даут-пашиниот амам, Чифте амамот, Мултимедијалниот центар „Мала станица“ и Куќата на Лазар Личеноски. Истражувањата се проширија на подолг период – од основањето на институцијата до денес. Оваа ретроспектива даде и еден увид од птичја перспектива и го отвори и прашањето кое често се коментира како јавна тајна, но малкумина директно одговараат: Дали раководните позиции во националните институции со години наназад се политички пазар на коалициските партнери на власт или предност имаат експертите во својата област?

Нештата кулминираа летово, кога министерот за култура и туризам Зоран Љутков го потпишал решението со кое го назначува ликовниот уметник д-р Али Синани за директор на Националната галерија со мандат од четири години. На конкурсот биле пријавени четири кандидати – три вработени во галеријата и Синани. Официјалната изјава на Љутков беше дека останатите кандидати конкурирале со идентична програма. Тоа била главната причина зошто бил избран Синани со решение потпишано на 9 јули годинава.

Истражувањата на Умно.мк кои се поткрепени со документи нè водат малку наназад. На 24 април годинава 33 вработени во Националната галерија го потпишале писмото доставено до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот Љутков.

Во писмото вработените го наведуваат значењето на институцијата, тие остро реагираат што ресорното министерство не ја известило Националната галерија дека веќе е распишан конкурс за директор и го нагласуваат ставот дека приoритет во изборот треба да им се даде на стручни лица од соодветната област.

На конкурсот стигнале кандидатурите на Маја Неделковска-Брзанова, кустос-советник (во тоа време в.д. директорка на Галеријата), м-р Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, д-р Ана Франговска, историчарка на уметност и кустос-советник и д-р Али Синани, ликовен уметник кој дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, а докторирал на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар, Србија.

За времетраењето на конкурсот од Министерството за култура и туризам од кандидатките било побарано да достават соодветни дипломи за познавања од англискиот јазик, според пропозициите во конкурсот. По комплетирањето на сета документација на 9 јули за директор е назначен Али Синани. Националната галерија на 16 јули го соопшти името на новиот раководител на нивниот официјален профил на Фејсбук, а неколку часа подоцна во редакциите пристигна реакцијата од вработени во Националната галерија во кое бараат итно преиспитување и поништување на одлуката за избор на директор со образложение дека „избраниот кандидат, по професија ликовен уметник, пред сè нема никакво непосредно професионално искуство во музејската дејност како основна дејност на институцијата или соработки кои покажуваат познавање на специфичните аспекти на музејската работа.“
Умно.мк разговараше со сите засегнати во случајот.

(ПРОДОЛЖУВА)

Насловна фотографија: Национална галерија на РС Македонија

Сподели