Да го славиме танцот, но и да ги подобруваме условите за неговиот развој кај нас, вели Биљана Тануровска-Ќулавковски

На денот на танцот посакувам, за сите, континуиран развој на подобар „свет на танцот“ кој ќе ни понуди повеќе средби со неговата многузначност. Заедно да го славиме танцот, но и да ги подобруваме условите за развој на танцовата уметност кај нас – вели Биљана Тануровскa-Ќулавковски, која е автор на македонската порака по повод Меѓународниот ден на танцот, што го организира Македонскиот центар на ИТИ.

– Би сакала во иднина да се сеќаваме на овие пандемиски денови, не само како моменти на криза кои ни одзедоа средби со танцот, но и како моменти во кои го промислуваме „светот на танцот“ во иднина, и посакуваме да сведочиме за: посебен третман на танцот во полето на културните политики; бројни и разновидни танцови продукции; нови простори и институции за танцова уметност; уште поголема поддршка на независни кореографи, танчери и изведувачи; Фонд за мобилност и регионална и меѓународна соработка, што ќе овозможи нашата танцова уметност да патува и да нè означува насекаде… Ни посакувам и многу повеќе, додека славиме денес, славејќи го минатото, гледајќи напред кон иднината – вели во својата порака.

Биљана Тануровска-Ќулавковски (фото: Ана Лазаревска)

Биљана Тануровска-Ќулавковски е културен работник – истражувачка, кураторка и продуцентка. Во 2003 година таа го ко-основа „Локомотива – Центар за нови иницијативи за уметност и култура“, каде што работи како извршен директор и програмски уредник до денес. Таа е коосновач на „Номад танц академија“ (НДА), самоорганизирана модел/платформа на регионална соработка во полето на современиот танц. Со „Локомотива“ го ко-основа „Кино Култура“ – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура (2015-2021) /www.kinokultura.org.mk/ како и Јадро-здружение на независна културна сцена и Кооператива – регионална платформа за култура. Таа иницира, курира, раководи и кораководи со разни проекти и програми.

Автор на светската порака за танц е германскиот балетан Фридеман Фогел.

„Како танчери, ние постојано сме во движење; ние тежнееме да ги создадеме овие незаборавни движечки моменти. Независно од танцовиот жанр, всушност тоа секој танчер копнее да го постигне – создавајќи движења. Затоа сега кога ненадејно веќе не ни е дозволено да настапуваме, денес кога театрите и фестивалите се затворени и откажани, нашите светови застанаа. Без физички контакт. Без настапи. Без публика. Во поновата историја, поточно долги децении се нема случено – танцовата заедница да биде пред ваков предизвик на застој, колективно предизвикана да не настапува, но да остане мотивирана, за да ја пронајде и да се држи цврсто до својата raison d’être – вели во својата порака.

Фридеман Фогел

Тој додава:

– Танчерите обично се слават поради нивната физичка посебност, а всушност многу повеќе се одржуваме поради нашата ментална сила. Верувам дека станува збор за уникатна комбинација помеѓу физичката и психолошката агилност, која ќе ни помогне да ја надминеме кризата и повторно да се оствариме себеси, за да продолжиме да танцуваме и да продолжиме да инспирираме.

Фогел е наречен „Светска ѕвезда која не губи тло под нозе’’. Настапувал на сите светски сцени. Минатата година, престижната асоцијација German Dance Prize го прогласи главниот балетски танчер на Балетот од Штутгарт, за „Извонреден танчер’’, препознавајќи ја неговата долгогодишна и многу очигледна меѓународна кариера.

Сподели