Звукот што го имаме денес го градевме долго време

Дуото „Буч Кесиди“ утревечер во 20 часот ќе настапи во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на офф-програмата на фестивалот „Таксират“

Македонската публика е многу топла и секогаш сме пречекани на најсрдечен можен начин. Се чувствуваме како дома – од почеток до крај. Низ регионот има фестивали на кои секогаш има одлична забава и се гледа дека публиката добро се забавува и каде и да сме свиреле ни било прекрасно, вели гитаристот Лука Рациќ кој со Зоран Зарубица (вокал, тапани) го формира дуото „Буч Кесиди“ од Србија кое утревечер во 20 часот ќе настапи во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамките на офф-програмата на фестивалот „Таксират“.

Фото: Милан Мариќ

Какви беа вашите музички почетоци и што ве привлече кон овој специфичен звук?

– Звукот што го имаме денес го градевме долго време. Почнавме како клинци во разни бендови кои свиреа повеќе класичен рок, хард рок, а потоа имавме заеднички средношколски бенд во кој свиревме обработки на домашни шлагери и бендови како Идоли, ЕКВ, Шарло Акробата, Ѓорѓе Марјановиќ, Душко Јакшиќ – сè што ни беше забавно, а беше одовде и на наш јазик. Така се роди идејата да почнеме да пишуваме свои песни. Подоцна, песната „Нема љубави у клубу“ можеби беше најголемата пресвртница, бидејќи тогаш почнавме да експериментираме со електронски звук и да го правиме тој микс на модерното и рокенролот.

Лука Рациќ / Фото: Лука Трајковиќ

Можеби најважната пресвртница на „Буч Кесиди“ како дуо е тоа што имаше многу пресвртници и што успеавме да се извлечеме од секоја. Сигурно огромна промена донесе заминувањето на басистот Ален од бендот и одлуката да продолжиме да свириме само ние двајца. Тоа ни отвори сосема нова перспектива за тоа што сè може да биде еден бенд и како сè може да звучи музиката.

Колку стилот на панк/инди/електро сцената во Србија и регионот влијаеше врз вашиот музички правец?

– Со оглед на тоа што доаѓаме од Панчево, на почетокот не ги познававме многу луѓето од белградската сцена. Ги набљудувавме отстрана и сакавме да им се приклучиме, додека баравме нешто свое, поинакво, за да го привлечеме вниманието. Сега сите се дружиме и веројатно сите имаме слична инспирација од некои поголеми или постари бендови, па прашањето е само кој како ќе го интерпретира тоа што го инспирира. Ние повторно се трудиме да најдеме начин што најмногу ни одговара. Можеби најмногу нè инспирира секој успех на домашните бендови. Важно е сите да напредуваат, да прават големи чекори и да се туркаме едни со други напред.

Фото: Бенџамин Страјк

Каква е вашата креативна динамика? Кој го започнува процесот и како ги усогласувате идеите?

– И двајцата имаме идеи за песни, обично еден од нас доаѓа со кратка музичка и текстуална идеја, а потоа заедно продолжуваме да ја градиме, насочуваме и да се обидеме да откриеме која е главната емоција или приказна што се крие зад неа. Подоцна, кога веќе имаме нешто што почнува да личи на песна, во процесот се вклучува и нашиот продуцент Милан Бјелица. Секој од нас има свој агол на гледање и во секоја песна се трудиме да дојдеме до визија што на сите ни одговара. Понекогаш имаме музички делови што ни се одлични, но ни треба време да најдеме соодветен текст; некогаш, пак, имаме многу интересен текст кој е предизвик да се скрати и обликува за да стане една песна. Навистина зависи од песна до песна, а најдобриот момент е кога текстот и музиката ќе се спојат и заедно ќе остават најсилен впечаток.

Фото: Владимир Никифоровиќ

Вашите песни често звучат весело, а текстовите се емотивни и искрени. Дали оваа контрастна комбинација е свесен избор?

– Да, можеби дури и можеме да кажеме дека е така. Има нешто убаво во таа дуалност на поп-музиката – истовремено да биде заразна за слушање, а од друга страна во текстот да носи длабока емоција. Лудо е тоа што таа иста песна може да те погоди со текстот и да те доведе до некаква катарза, додека играш на ритам што е забавен.

„Модерне везе“ донесе нов бран поп-електронски звук. Што најмногу ве инспирираше за тој правец?

– За инспирација уште повеќе се свртевме кон музика што можеби не е традиционално бендовска, како The Weekend, Daft Punk, електронската музика, а многу ја слушавме и Tame Impala во потрага по интересни звуци. Идејата беше да продолжиме да го развиваме звукот што го започнавме со „Еуфорија“ и да видиме колку уште подалеку можеме да ги прошириме сите тие идеи и влијанија.

Фото: Владимир Никифоровиќ

Како ја доживувате атмосферата на настапите во Македонија? Дали постои концерт или фестивал во регионот што ви оставил особено силен впечаток?

– Македонската публика е многу топла и секогаш сме пречекани на најсрдечен можен начин. Се чувствуваме како дома – од почеток до крај. Низ регионот има фестивали на кои секогаш има одлична забава и се гледа дека публиката добро се забавува и каде и да сме свиреле ни било прекрасно – OK Fest, Mostar Summer Fest, Таксират, Skopje Calling, Mountain Music Fest, Љубав фестивал… Можеме да набројуваме до утре и важно е дека таквите фестивали постојат и се негуваат. Можам да издвојам дека едно лето бевме во Пулската арена на концертите на Arctic Monkeys и Tame Impala. Двата концерта ни покажаа како еден модерен светски бенд може да се претстави и колку далеку може да се оди со голем звук, дизајн на сцена, светла и ефекти. И емотивно и инспиративно искуство.

Фото: Владимир Никифоровиќ

Што прави еден концерт да биде „незаборавен“?

– Идеално, кога ќе остави впечаток што ќе го понесеш со себе и што ќе остане долго со тебе. Кога и по ден-два сè уште размислуваш за текстовите или за некој момент што се случил, кога музиката и визуелните елементи совршено ќе се поклопат, или кога ќе налета песна што одамна ја знаеш, а одеднаш ја слушаш поинаку или ти дава нов впечаток. За нас најважно е да сме добро увежбани за да можеме да се препуштиме и да направиме сè што е во наша моќ за публиката да добие токму таков концерт. Нашата задача е да пишуваме музика најдобро што можеме и да правиме добри концерти, со надеж дека публиката ќе препознае нешто свое и дека ќе придонесеме за некакво чувство на заедништво.

Насловна фотографија: Лука Трајковиќ

Сподели