Ѕвезденото дете, Девојчето и мечето, Девојчето и градот, палавиот облак Мирко… на Костуранов изложени во „Дајмонд мол“

Изложбата „Соѕвездие на детските сни“ на илустрации на Ване Костуранов е отворена од синоќа во книжарницата Литература.мк во Дајмонд мол во Скопје. Изложбата е во рамките на фестивалот „Видик“, што го организира „Арс Ламина“. До 14 април делата ќе бидат изложени во холот на „Дајмонд мол“. Целта и на изложбата е да нурнеме во ониричниот свет на Костуранов, вели уредничката Бисера Бендевска.

-На факултет нè учеа дека во книжевноста сè е интертекст, дека во секој книжевен текст може да се најдат траги од друг текст, но во различна интерпретација, адаптација, како омаж, како коментар, како апостроф итн., итн. А задачата на компаратистот (не само во книжевноста, туку и во другите области и дисциплини) е да ги препознае и да ги забележи ваквите појави, кои често се вплетени во текстилот од кои е изработен авторовиот текст (слика, друго уметничко дело) и не се секогаш видливи со „голо“ око. Мојата професионална „деформација“ ме наведува да кажам дека Ване Костуранов е нашиот Оливер Џеферс, или Оливер Џеферс е австралискиот Ване Костуранов, и сметам дека ова е голем комплимент и за едниот и за другиот автор. Но, затоа што овој настан е посветен на нашиот Ване Костуранов, компаратистичките нагони за момент ќе ги зауздам и накусо ќе се осврнам на светот на Костуранов како изолиран остров среде пространиот океан – рече Бендевска.

Илустрациите што ќе ги видите на изложбата нема да ве пренесат во светот на нивниот автор, туку во светот на своите ликови. Тие се светови за себе: лирски, нежни, со заоблени и меки рабови, со топли и смирувачки бои, со приказни со проѕирни контури кои ги прелистуваат страниците на своите книги што останаа да ги чекаат на полиците во домашните библиотеки и во книжарниците, па и во далечните јазици и култури, во кои се вдомиле, вели Бендевска.

– Ѕвезденото дете, Девојчето и мечето, Девојчето и градот, Рекичето, палавиот облак Мирко (последниве две имаат свои текстуални создатели) се нашите книжевни другари со личен опис, со кои сакаме да се дружиме, чиешто место сакаме да го заземеме или, пак, некогаш дамна сме биле истите тие ликови и затоа ни се толку блиски и ни предизвикуваат топли чувства во средсрцето. Со нив сме ја освоиле вселената, фантазијата сме ја претвориле во реалност, реалноста сме ја трансформирале во бајка, сме понирале и сме станале стерна, сме биле немирни бели пеги на небото,… сме растеле без да пораснеме. Сето ова е само едно од многуте доживувања на овие живи светови на Ване Костуранов. Во овие слики со пропустливи рамки може да се всели секој и секој да ја најде својата лична приказна во нив. Затоа, повелете, раскомотете се и препуштете се, безбедноста на вашата фантазија е загарантирана.

Сподели