Новиот документарен филм „Силјан“ на Тамара Котевска, вчера ја имаше својата светска премиера на 82. Венециски филмски фестивал, во програмата Out of competition. Дел од екипата на филмот присуствуваа на црвениот тепих и на прес-конференцијата во чест на филмот. Меѓу нив беа, Котевска, монтажерот Мартин Иванов, актерката Верица Недеска, продуцентот Јорданчо Петковски, директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски и др.

Филмот, кој по премиерното прикажување беше награден од публиката со долг аплауз и стоечки овации, обработува една од актуелна и горлува тема – иселувањето. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан кое, по кавга со татко му, се претвора во штрк и го напушта својот дом, „Силјан“ претставува современа приказна за судбината на источна Македонија, преку односот на еден земјоделец со бел штрк.
Филмот е продукција со американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а останати продуценти се Жан Дакар, кој е и кинематографер, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Монтажата е на Мартин Иванов.

Истовремено, Котевска на Венецискиот филмски маркет, кој се одржува до утре, пред финансиери и дистрибутери ќе го претстави својот нов, четврти документарен филм „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“, снимен во Сибир. Овој проект го отвора прашањето за опстанокот на сибирското шаманско племе Долгани, во кое постои судир меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби – на последната точка од северот на планетата каде што сè уште постои цивилизација.

Котевска летово го заврши снимањето на својот прв долгометражен игран филм „Човек против јато“, кој е финансиран од Агенцијата за филм.





