Со златни медали од меѓународниот натпревар Black sea fish festival, рибен фестивал и гастрономски натпревар кој се одржа од 13 до 15 септември во туристичкиот ресорт „Мамаиа“, близу градот Костанца, Романија, се вратија ученици од секторот Угостителство и туризам од СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија. Елена Тасевска и Сара Андонова под менторство на професорката Марина Калкова освоија златни медали, а Тасевскап беше прогласена и за севкупен победник на манифестацијата, стекнувајќи се со титулата The best junior shef.

На фестивалот учествуваа повеќе земји со презентации на своите национални кујни, како и приготвување на морска риба во индивидуална категорија на натпреварувачите од 15 до 25 години. Македонските ученици беа во конкуренција на околу 90 натпреварувачи од Македонија, Романија, Србија, Турција и Словачка.
-Голема благодарност до менаџментот на хотел „Фламинго“ – Гевгелија кои помогнаа во остварувањето на целокупната програма на проектот од подготовка до реализација. Соработката со бизнис секторот ја зголемува мотивацијата на нашите ученици за сопствено усовршување и нуди можност за избор на квалитетна идна работна сила која има вештини за специфични работни места. Со ваквиот начин на соработка, училиштето покажува дека учењето преку заедница и учењето преку проекти и работа им помага на учениците да се здобијат со вештини пред да се вработат – велат од училиштето.

СОУ„Јосиф Јосифовски“ со долгогодишна традиција на престижно работење го заслужува епитетот на успешност и како одговор на потребите и барањата на заедницата треба да продолжи со ист интензитет во освојување на нови хоризонти во секојдневниот предизвик – напредок и остварување на општото добро за сите наши ученици.

Како училиште со голем потенцијал, предизвик е изнаоѓање нови практики за унапредување и издигнување на нашата работа, со вклучување во разновидни проекти во контекст на образовните меѓународни програми за соработка и мобилност на учениците и наставниците.





