„Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или ….“ утревечер гостува на Бриони

Драмски театар Скопје со претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ утревечер во 21 часот ќе гостува на Бриони во Хрватска каде театарот „Улис“ е домаќин на фестивалот на Регионалната унија на театри, РУТА. Претставата ќе биде изведена на големата сцена на локалитетот Мали Бриони. Гостувањето на Бриони ќе биде шеста изведба на пиесата со што се заокружува сезоната на планирани настапи на летните фестивали. Станува збор за копродукција на Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.

Премиерата на копродукциската претстава „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ се играше во Црна Гора на 10 август на 39. фестивал „Град театар“ Будва. На летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ претставата беше играна во четири последователни вечери.

Режисерот Пеновиќ за претставата „Плејбоите…“ вели дека е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката
по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.
Улогите ги толкуваат: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.

По изведбата во Охрид, македонската публика ќе има можност повторно да ја гледа претставата во втората половина на октомври за време на фестивалот РУТА во Драмски театар.

Сподели