„I Want my MTV“ е насловена зимската колекција на „Алшар“, инспирирана од престанувањето на емитување програма на музичкиот канал МТV. Дизајнерката Силвија Михајловска вели дека музиката отсекогаш била важен дел од нејзиниот живот, а MTV ги обележал нејзините тинејџерски години во осумедесттите.
– Зимската колекција „I Want my MTV“ е посветена токму на овој период од мојот живот и директно е инспирирана од музичките спотови од осумдесеттите години – Депеш мод, Бананрама, Мадона, Дјуран Дјуран… Името на колекцијата е од песната на Дајар стрејтс, a го пее Стинг со чие видео е започнато емитувањето на МТV Europe – објаснува Михајловска.
Колекцијата има 22 изгледи во неколку бои – црна, црвена, сива и циклама. Кроевите се типични за модата од осумдесеттите, со стилски печат на Михајловска.
– Како основа, ги користев највпечатливите рефренци на модата од тоа време: „лептир“ ракави, нагласени раменици, панк елементи (нитни, метални патенти и копчиња) кои се секогаш присутни во моите колекции како и за мене најтипичната комбинација на бои од тоа време – циклама и црна. Внимавав овие детали да не бидат пренагласени и креациите да бидат согласни со сегашните модни трендови. Користев фини памучни и волнени штофови, кадифе и чипка – објаснува таа.
Михајловска вели дека последниве години сме сведоци на како трендовите од осумдесеттите, деведесеттите или бохо стилот циклично се менуваат.
– Мојот син тинејџер носи беги џинс, широки дуксери и „оверсајзд“ јакни… исто како и јас во деведесеттите. Интересно ми е да гледам како многу од жените од мојата генерација си го носат истиот стил од младоста, но секако во модерна верзија и компатибилен со денешните трендови. Македонките генерално се исклучително модерни следат трендови и се негувани жени – вели Михајловска.
Ова е прв дел од колекцијата, која ќе се продолжи и со пролетната колекција на „Алшар“.
Модел: Ана Ежова
Шминка: Виктор Мирчевски
Фото: Силвија Михајловска





