Зголемен интересот за средното стручно, намален притисокот за прием во скопските гимназии

Расте интересот за средното стручно образование, на сметка на гимназиското – велат бројките од првото пријавување на учениците за новата учебна година. Запишани се вкупно 8.234 ученици во стручното образование, додека 4606 ученици во гимназиското. Бројот на ученици во деветто одделение, во споредба со лани, годинава е опаднат. Лани имало 19.086 ученици, а годинава – 18.882.

Исто така годинава се избегнати и гужвите за запишување во најпожелните гимназии во Скопје. Во гимназијата „Орце Николов“ не се пополнија сите места на првиот рок, како што вообичаено се случува во последните неколку години, а при тоа не беа и сите кандидати исклучиво со петки. Од 285 слободни места, годинава се прјавиле 271.

Конкурсот за запишување ученици е завршен за гимназиско образование во гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“. Слободни места има и во „Раде Јовчевски Корчагин“ како и во „Јосип Броз Тито“. Во „Корчагин“ сакаат да учат 177 ученици, односно место има уште за 85 кандидати. Во „Јосип Броз Тито“ пак има 293 пријавени деца, а остануваат уште 47 слободни места за во вториот уписен рок.
Конечните ранг листи беа објавени вчера.

Од стручното училиште „Владо Тасевски“ се задоволни од интересот. За слободни 300 места се пријавиле 187 ученици. Во средното „Марија Кири Склодовска“ се пријавиле 412 ученици за 570 слободни места. Лани имало 376 кандидати.

Квалификациско тестирање ќе се организира утре во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ за струката фармацевтски техничар на албански наставен јазик.
Во првото пријавување вкупно се запишаа 12 996 ученици од кои:

• 9 655 ученик за настава на македонски наставен јазик,
• 3 101 ученици за настава на албански наставен јазик,
• 234 ученици за настава на турски наставен јазик и
• 6 ученици за настава на српски наставен јазик.

Слободни места за второто пријавување има за вкупно 23 903 ученици од кои:

• 18 002 слободни места за настава на македонски наставен јазик,
• 5 227 слободни места за настава на албански наставен јазик,
• 612 слободни места за настава на турски наставен јазик и
• 62 слободни места на српски наставен јазик.

Слободни места по вид на образование за второ пријавување има:

• во гимназиско образование 5 438 слободни места од кои:
– 3 319 за ученици на македонски наставен јазик,
– 1 876 за ученици на албански наставен јазик,
– 215 за ученици на турски наставен јазик и
– 28 за ученици на српски наставен јазик.

• во стручно образование 18 059 слободни места од кои:
– 14 393 за ученици на македонски наставен јазик,
– 3 235 за ученици на албански наставен јазик,
– 397 за ученици на турски наставен јазик и
– 34 за ученици на српски наставен јазик.

Второто пријавување на учениците ќе се врши на 27 јуни до 24.00 часот и на 29 јуни 2023 година до 10:00 часот. Прелиминарната ранг листа на запишани ученици се објавува на 29 јуни 2023 година на https://e-uslugi.mon.gov.mk и на интернет страната www.mon.gov.mk најдоцна до 13:00 часот. Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 29 јуни од 15.00 до 19.00 часот и на 30 јуни од 07.00 часот до 19.00 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.

Конечната ранг листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објави на 1 јули 2023 година, најдоцна до 12.00 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.
Квалификациско тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 3 јули 2023 година, а конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 3 јули 2023 година, на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.

Сподели