Женските улоги во обликувањето на уметничките наративи во фокус на симпозиумот на АИКА

„Визуализирање на еднаквоста: женските улоги во обликувањето на уметничките наративи“ е насловот на годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – АИКА кој ќе се одржи денеска во 12 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. Учеснички на симпозиумот се Нада Пешева, Ана Ивановска-Дескова и Јана Коцевска.

Целта на симпозиумот е да ја истражи повеќеслојната димензија на учеството на жените на уметничката сцена, со специфичен фокус на еволуирачкиот пејзаж на Македонија во периодот по 60-тите години.

– Симпозиумот настојува да го расчлени квалитетот и квантитетот на културните политики во Македонија кои беа инструментални за стимулирање на вклучувањето на жените во визуелната уметност, архитектурата и уметничкиот активизам, и да ја процени инклузивноста на родовите теми во неодамнешната уметничка продукција – велат организаторите.

Темата на симпозиумот ќе се осврне на историските и современите улоги на жените уметнички, расветлувајќи го нивниот придонес во пошироката уметничка нарација. Преку испитување на напредокот на политиките и иницијативите насочени кон промовирање на учеството на жените во уметноста, симпозиумот има за цел да го оцени степенот до кој овие мерки поттикнаа вклученост и рамноправност на македонската уметничка сцена.

Пешева ќе го претсатви истражувањето „Женското учество во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година“. Прашањето за видливоста на жените авторки и ре-испитување на позицијата на жената во светската уметничка сцена, е дел од новите политики и тенденци и во современата светска ликовна критика и теорија, а прашањето за учеството на жената како авторка во совремната ликовна сцена е предмет на интерес и кај нас особено во периодот по 90-тите. Пешева (1976, Скопје) дипломирала на катедрата на Историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје (2000). Магистрирала на тема „Културна политика и менаџмент“ на Универзитетот на уметности во Белград, Србија (2013). Во моментот е докторант на катедрата за Културолошки студии на Институт за македонска литература, УКИМ.

Ивановска-Дескова ќе зборува за „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“. Во втората половина на дваесеттиот век, значително се менува улогата на жената во македонското општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за „машки“. Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитектки рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор. Ивановска-Дескова е архитект, историчар на архитектура и истражувач, вонреден професор на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде предава предмети од Историја на архитектурата и Заштита на градителското наследство. Нејзиниот главен истражувачки интерес е насочен кон архитектурата на 20 век во Скопје, особено периодот на неговата постземјотресна обнова.

Коцевска ќе зборува за „Прво па женско“. Родовиот аспект и феминистичкото насочување во визуелната култура и уметност е од особено значење, земајќи ја предвид нужноста овие практики да комуницираат со социјалните и политички проблеми и состојби, како и потребата тие да понудат дидактички принцип во продукцијата. Коцевска ќе се осврне на оние современи културни и уметнички практики со кои таа активно се занимава веќе 11 години преку своето искуствено дејствување како организаторка на феминистичкиот фестивал „Прво па женско“. Коцевска (Скопје, 1986) дипломирала на Институтот за етнологија и антропологија во Скопје. Една е од основачките на „Тиииит! Инк.“ и на Фестивалот „Прво па женско“.

Сподели