Документарниот филм „Приказната за Силјан“ е номиниран во категоријата исклучителен продуцент на документарни филмови, во рамките на наградите што ги доделува Здружението на продуценти на Америка. Филмот, кој е откупен за глобална дистрибуција од „Нешанал џиографик документари филм“, е во режија и продукција на Тамара Котевска, заедно со директорот на фотографија и продуцентот Жан Дакар.
Ова признание има особена тежина затоа што Здружението на продуценти на Америка наградува автори кои преземаат повеќе функции во создавањето на филмот и се изложуваат на големи и често натчовечки напори за да реализираат автентично документарно дело. Во документарниот свет, каде авторите често се и режисери и продуценти и сниматели иистражувачи и теренски координатори, ваквото признание е потврда за нивната целосна посветеност.
„Приказната за Силјан“ е резултат на три години снимање во екстремни услови, живот на терен, спиење на депонии во прилагодено комбе за живеење, денови и ноќи поминати со протагонистите и локалните заедници, долги периоди на чекање на штрковите и нивните миграции и работа без формален буџет или традиционална продукциска инфраструктура.
Во тој процес продуцентското здружение ја препозна издржливоста, креативната храброст и пожртвуваноста на Котевска и Дакар, кои ја носеа тежината на филмот во секоја негова фаза. Тие се пример за филм создаден во целост од авторите, каде креативната визија, продукциската организација и физичката работа се спојуваат во единствен авторски потпис.
– Оваа номинација за награда можат вистински да ја разберат само оние кои навистина го живеат филмот. За нас ова признание е за сите денови, ноќи, жртви и години посветени на оваа приказна, за животот на терен, за довербата што ни ја дадоа протагонистите и за моментите кога камерата престана да биде камера и стана дел од светот што го снимавме – велат Котевска и Дакар.
Процесот на снимање не бил само технички предизвик, туку и длабоко човечко вкоренување во средината што ја документираат. Со месеци поминати со протагонистите, следејќи го нивниот живот и ретката врска со белите штркови,
камерата постепено престанала да биде забележлива. И луѓето и штрковите природно се навикнале на нејзиното присуство, прифаќајќи ја како дел од секојдневието. Овој ненаметлив пристап, изграден врз доверба, време и човечка близина, е препознатливиот печат што Котевска и Дакар го оставаат во своите документарни филмови, овозможувајќи приказните да се развиваат органски и искрено.
Филмот веќе се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината по освоените две награди на Интернационалните документарни награди за најдобар документарен филм и најдобра камера, како и по премиерите на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто, и бројните проекции низ САД, Канада и наскоро во Британија.
Откупот од National Geographic Documentary Films дополнително го засилува неговото глобално присуство и поддршка во тековната оскаровска кампања. Наградите на Здружението на продуценти на Америка исто така се еден од најсилните индикатори во трката за „Оскар“, а нивните номинирани и добитници редовно се појавуваат и во финалниот избор за највисоката филмска награда.





