„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“ се зборовите со кои Владо Малески, писател и борец во НОВ, го означи почетокот на работата на Македонското радио. Првите зборови прозвучија во етерот на 28 декември, 1944 година, за време на одржувањето на Второто заседание на АСНОМ. Денеска се навршува 81 година од основањето на Македонското радио. По тој повод, Канал 103 ќе реализира целодневна програмска посвета со наслов „Зборуе Радио Скопје“. Програмата започнува во 13 часот, ќе трае до полноќ и ќе се емитува и на Cashmere Radio (Берлин), во рамки на тековната соработка меѓу двете партнерски радија, како и на ФИЈУК саемот на независно издаваштво.
Отворената програма ќе ја поврзе радиоархивата со современите, експериментални пракси и новите генерации автори, со посебен акцент на разновидноста на гласови и формати. Свои настапи во живо ќе имаат Член 16, alone in a crowded room и Александар Ордев. Во соработка со Радио МОФ и Моно-тон ќе биде направен пресек на македонските музички изданија објавени во 2025 година.





