Графички листови сработени на 18. главна сесија на Графичка работилница „Софија“ – Богданци ќе биде отворена вечерва во 19 часот во галерискиот простор на Домот на културата „Бранд Петрушев”. Оваа година на работилницата гости беа првите уметници кои во 2007 како студенти учествуваа на првата Графичка работилница Софија, а тоа се: Сања Жигиќ, Данило Вуковиќ, Трајче Павлов, Викторија Иванковска, Виктор Семенпеев и Ана Димчевска Семенпеева, Камелија Србова.
Годинава Графичката работилница „Софија“ беше со малку поразлична, празнична програма.
– Оваа година работилницата е ликовна тезга на која некогаш посадените млади семиња, а денес веќе плодородни зрели ликовни растенија своите плодови ќе му ги понудат на светот. На завршната изложба, покрај новите дела од овогодинешната полнолетна колонија ќе бидат изложени и делата со кои нашата работилница ги направи своите првите чекори кон светот. Односно ќе изложиме диптих од сите автори, од нивните дела кои биле на првата и овогодинешата работилница. Изложбата ќе го носи насловот „Тогаш, сега и засекогаш” – велат од работилницата.





