Замина во легендите проф. д-р Кирил Темков, врвен филозоф и етичар со светски глас

На 82 години во Скопје почина проф. д-р Кирил Темков, универзитетски професор во пензија и еден од најзначајните македонски филозофи и етичари. Погребот ќе се одржи денеска. Темков целата своја академска кариера ја посвети на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје. Роден е во Кавадарци во 1943 година, во занаетчиско семејство. Образованието го стекнува во Белград и Скопје, каде што дипломирал филозофија во 1968 година, а докторирал во 1982 година на Универзитетот во Скопје. Бил ученик и асистент на Павао Вук-Павловиќ, а постдокторските студии ги реализирал кај Александар Грличков во Белград о 1983 до 1987 година.

Во својата богата академска кариера беше асистент, предавач, вонреден и редовен професор по Етика, Естетика, Филозофија на политиката, Филозофија на менаџерството, Еколошка етика, Биоетика, Педагошка и Менаџерска етика, како и Филозофија на образованието на Институтот за филозофија при Философскиот факултет во Скопје. Заедно со својот колега Георги Старделов беше основач на Естетичката лабораторија при Философскиот факултет.

Темков е автор на бројни научни и публицистички трудови од областа на филозофијата, етиката, естетиката и културологијата, со особен интерес за уметничката фотографија, ликовната и драмската уметност, како и џезот. Автор е на повеќе значајни книги, меѓу кои: „Основите на еден нов Универзитет“, „Панорама на естетичките идеи од втората половина на 20-тиот век“, „Отворен Универзитет“, „Етика“, „Етика за младите“, „Етички речник за младите“, „Етиката денес“, „Историја на џезот“ и „Џез – естетика и антропологија“.

Особено значаен е неговиот придонес во воведувањето на етиката во сите степени на образованието. Во таа насока ги создаде делата „Етика за децата“, „Етика за гимназиско образование“, „Филозофија за средно образование“, како и програмата „Етика и љубовта“ наменета за најмладите.

Темков остави длабока трага и како преведувач, преведувајќи капитални дела од Вилијам Џејмс, Имануел Кант, Рене Декарт, Џон Стјуарт Мил, Фридрих Ниче, како и дела од истакнати балкански философи.

За својот придонес беше добитник на повеќе признанија, меѓу кои Наградата на Град Кавадарци, орденот „Академски палми“ на Република Франција и Меѓународната награда „Гоцева мисла“.

Темков остави голема трага со својата просветителска дејност и со непоколебливата иницијативност за воведување на Етиката во основното и средно образование. Врвен филозоф и етичар со светски глас, тој беше автор на голем број книги, учебници, монографии и научни дела од областа на филозофијата, етиката, менаџерството, уметноста, естетиката, џез музиката итн., напиша Зоран Крстевски.

– На македонски јазик ги има преведено делата на најзначајните светски филозофи и етичари и со својата креативна и образовна активност има предавано на голем број реномирани универзитети. Ќе го помниме по својата професионална посветеност, колегијална непосредност, творечка оригиналност, врвна ораторска умешност во пренесувањето на знаењето и менторската поддршка за создавање успешни и значајни етички дела. Харизматичен, елоквентен и полн со мудрост и знаење, професорот ги подучуваше студентите на доблест и вистина и ги насочуваше кон позитивните аспекти на животот. Мојата пријателска и научна соработка со проф. Темков траеше повеќе од 25 години, во кои имав чест непосредно да придобивам дел од неговото огромно знаење за вистинските вредности, за филозофијата, за етиката и за научните области што беспрекорно ги владееше. Вечна слава на професорот и сигурно ќе го најде својот мир меѓу ангелите – пишува Крстевски.

Сподели