Повик за учество на „Отскочна даска“ објави Скопскиот поетски фестивал. Наменет е за млади поети на возраст од 16 до 25 години. Тие со своја поезија ќе се претстават на 12 април (во 20 часот), во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.
– Повикот е наменет за сите што можеби веќе ги објавиле своите први песни во некое книжевно списание, или веќе ја објавиле и својата прва стихозбирка, можеби веќе настапиле на некое поетско читање или чекале токму ваква можност да го направат тоа за да бидат прочитани, видени и слушнати и, споделувајќи ги своите стихови, да стекнат нови пријателства на овој преднастан на фестивалот – велат организаторите.
Интерно жири ќе ги избере учесниците што ќе настапат на „Отскочна даска #4“, а вечерта, на поетското читање, тие самите, со анонимно гласање, ќе го изберат најдобриот или најдобрата меѓу нив врз основа на севкупниот впечаток по настапите. Со ова ќе одлучат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на петтото издание на СПФ и ќе чита како претставник на најмладата генерација заедно со другите повозрасни и етаблирани поети.
Заинтересираните учесници треба да испратат куса биографија, фотографија со висока резолуција и две свои песни во ворд-документ на мејлот: contact@spf.mk најдоцна до 7 април на полноќ. Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 9 април на Фејсбук и на Инстаграм страниците на фестивалот. Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ во МКЦ на 24 април.
Фестивалот
5. издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 24 до 26 април. Поддржан е од Министерството за култура и туризам и од Традуки, а негови помагатели се Младинскиот културен центар од Скопје, кафе-книжарницата „Буква“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.





