Второ издание на перформативниот шетачки есеј на Филип Јовановски

Во киното на Железничката зграда во Скопје вечерва во 20.30 часот ќе биде изведен перформативниот шетачки есеј, радиодрама во три чина „Градот е јавност – #2 дел Случајот Скопје 1945-2025“. Станува збор за колаборативен уметнички проект на Филип Јовановски, куриран од Владимир Јанчевски, а актерка/изведувачка е Мартина Даниловска.

– Филип Јовановски го поставува прашањето како нашето секојдневно искуство на градот и градскиот амбиент, неговото минато и сегашност, можат да бидат искористени како содржина и театарска сцена, како изложбен простор кој се доживува преку прошетка, дискусија, експериментална работа во лабораторија или практичните аспекти на секој нов продукциски предизвик. И претходните изведби, како шетачко искуство низ физичкиот простор, но и љубопитноста и препуштањето на имагинацијата се истовремено и истражувачка методологија и уметничка форма. Овој перформативен есеј, во форма на видеоинсталација и радиодрама, кој се заснова на шетачки тури, ги преиспитува границите на уметничките конвенции, дисциплинарните граници и ригидните форми, без да заглавува во самодоволната дискусија на една тесно дефинирана уметничка сфера – вели Јанчевски.

Проектот „Градот е јавност: Случајот Скопје (1945-2025)“ е продуциран како дел од долгорочниот проект поддржан од Програмата за култура на Швајцарска амбасада во земјава и е претставен како дел од поширок кураторски концепт во кој се вклучени повеќе организации и институции од земјава и од Европа.

Филип Јовановски дипломирал на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје , а магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во 2019 година со проектот „Кога зградите би зборувале“. Јовановски со неговиот изразен интердисциплинарен пристап истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, театар, видео, архитектура, филм и просторни инсталации. Најчесто уметничко изразно средство се просторните визуелни интервенции во јавен простор. Тој создава долгорочни општествено- ангажирани уметнички проекти, кои се базираат на истражување и честопати во соработка со различни заедници.

Фото: Наташа Гелева

Сподели