Вратите што ги отвора полиглот

Секој јазик носи една и единствена приказна зад себе. Историја која претрпела толку многу пресврти. Култура на која никој не може да и го најде почетокот

Пишува: Ива Трпески

Ме радува кога можам да препознаам на кој јазик зборуваат некои туристи на кои случајно им го забележувам разговорот, а уште повеќе ме радува можноста да им помогнам доколку ме прашаат за некоја туристичка дестинација низ Македонија.

Повозрасните секогаш велат дека човекот може да го вреднуваме според неговиот начин на изразување. Јазикот, вклучувајќи го и спектарот на вокабулар, е најважен за секојдневното општење.

Уште од мали нозе, сите сме ја имале истата дилема: супермоќ за да зборуваме со животни или супермоќ да можеме да ги зборуваме сите говорни јазици во светот, меѓутоа статистиките велат дека на многумина животна цел им е да зборуваат барем шест јазици. Зошто е тоа така?

Секој јазик носи една и единствена приказна зад себе. Историја која претрпела толку многу пресврти. Култура на која никој не може да и го најде почетокот. Лингвистите сметаат дека изучувањето на нов странски јазик е како читање нова книга. Се запознаваме со ликовите – се запознаваме со темелите на јазикот. Откриваме какво е минатото на тие ликови – го изучуваме потеклото на јазикот. Наидуваме на заплет и расплет – се соочуваме со тешкотии во граматиката, но сепак наоѓаме начин како да ги изговараме зборовите правилно. На крајот, во книгата ликовите продолжуваат со својот живот, меѓутоа со уште една поука плус. Во нашиот крај, ние продолжуваме со една вештина повеќе.

Најдобриот дел од оваа лингвистичка односно јазична вештина е чувството на самодоверба при разговор со странец. Во очите на другите луѓе, повеќе блескаат тие на кои од „устата им тече мед и млеко“, ама на повеќе јазици. Тие што зборуваат француски, на толку слаткоречив начин што на момент се прашуваме дали овој човек израснал во некоја винарија во јужниот дел на Франција. Тие што толку перфектно зборуваат италијански, па помислуваме дека од толку многу прочитани историски книги за Рим, така лесно го научиле јазикот.

Каква неверојатна моќ е таа што ни овозможува да патуваме без границите да имаат значење? Каква е таа привилегија да се има можност да се учат толку многу јазици? Тоа е суштината на јазикот.

И ако некој би ме прашал колку јазици би сакала јас да знам, малку нескромно би одговорила, дека би сакала да ги знам сите јазици, и по цена да бидам во целосно бунило.

Насловна фотографија: Pixabay

Сподели